Полицијата продолжи со испрашувањето на возачот на камионот Мо Робинсон (25), кој се товари за смртта на 31 маж и осум жени, меѓу кои и една тинејџерка. Експертите сметаат дека кинеските мигранти, кои се обиделе преку Белгија да пристигнат во Британија, починале во ужасни маки, бидејќи температурата во приколката од каминот била пониска од минус 25 степени

Британската полиција соопшти дека 39-те лица, кои беа пронајдени мртви во камион-ладилник во близината на Есекс, се државјани на Кина. Полицијата продолжи со испрашувањето на возачот на камионот Мо Робинсон (25), кој се товари за смртта на 31 маж и осум жени, меѓу кои и една тинејџерка. Експертите сметаат дека кинеските мигранти, кои се обиделе преку Белгија да пристигнат во Британија, починале во ужасни маки, бидејќи температурата во приколката од каминот била пониска од минус 25 степени. Сепак, уште не е познато дали Робинсон знаел дека мигрантите се во камионот. Покрај тоа, полицијата во Северна Ирска, од каде што потекнува возачот, работи на откривање на криминалните групи, што можеби го организирале шверцот на Кинезите, пренесуваат британските медиуми.

Во рамките на истрагата, полицијата во Северна Ирска извршила претрес на најмалку два објекта во околијата Армаг, каде што Робинсон живеел со семејството. Според првичните информации, приколката-ладилник пристигнала во пристаништето Пурфлит на реката Темза, откако со брод тргнала од Зебриж во Белгија. Од друга страна, главниот дел од камионот пристигнал од Северна Ирска и ја зел приколката од Пурфлит. Набргу откако камионот го напуштил пристаништето Пурфлит, медицински тимови ги откриле телата на кинеските мигранти во индустрискиот парк „Вотерглејд“ во Грејс.

Бугарското МНР соопшти дека камионот бил регистриран во Бугарија во 2017 година, од страна на компанија во сопственост на ирски државјанин. Бугарскиот премиер Бојко Борисов исто така порача дека починатите лица не можеле да се качат во Бугарија, бидејќи возилото не влегло во земјата од регистрацијата во 2017 година. Тој истакна дека Бугарија соработува со британските власти во истрагата.
– Камионот во 2017 година е регистриран во Бугарија од државјанка на Ирска. Потоа заминал од земјата и никогаш повторно не влегол. Така што на ниту еден начин не можеме да бидеме поврзани, освен со регистарските таблички на камионот – додаде Борисов.

Покрај тоа, белгиското федерално јавно обвинителство наведе дека почнало истрага, која е фокусирана на организаторите и другите лица вмешани во транспортот на кинеските мигранти. Според портпаролот на белгиското обвинителство, и понатаму има многу нејаснотии околу целиот случај, што ги шокираше британската и светската јавност.

– Не е јасно кога жртвите биле ставени во приколката, ниту дали тоа се случило во Белгија – изјави белгискиот портпарол.
Ричард Бурнет, директор на Асоцијацијата на копнени превозници, изјави дека температурите во приколките-ладилници може да бидат пониски и од минус 25 степени.

– Условите за кого било внатре во приколката се апсолутно ужасни – порача Бурнет.
Се огласи и британскиот премиер Борис Џонсон, кој изјави дека станува збор за незамислива трагедија „што го крши срцето“. Борисов истакна дека е неопходно строго да се казнуваат шверцерите на луѓе. Истовремено, Шон Сојер, шеф на британската полиција за борба против трговија со луѓе, порача дека организираните криминални групи ги искористуваат луѓето што се обидуваат да влезат во земјата преку маршрутите што се сметаат полесни за преминување.

– Сепак, не можете да ја претворите Британија во тврдина – додаде Сојер.
Целиот случај многу потсетува на трагедијата на 71 мигрант, кои беа пронајдени во ладилник со камион на австрискиот автопат во август 2015 година, во екот мигрантска криза. Тие беа мигранти од Сирија, Ирак и од Авганистан, а во рамките на истрагата, властите открија мрежа за шверц на луѓе, со луѓе предводени од Авганистанец на возраст од триесет години. Жртвите сакале да заминат во Германија и се качиле во Унгарија недалеку од границата со Србија. Поради трагедијата, унгарското судство осуди четворица високи членови од оваа мрежа на доживотен затвор.