Во конфликтот настрадаа над 370.000 луѓе

Крвавата војна во Сирија влегува во својата десетта година, во момент кога претседателот Башар ал Асад ја консолидира власта, додека ужива клучна воено-политичка поддршка од Русија и од Иран.
Конфликтот почна на 15 март 2011 година, кога некои од Сиријците излегоа на протести против владата на Асад. Во месеците и годините што следуваа разни вооружени групи, меѓу кои и џихадисти и приврзаници на т.н. Исламска држава заземаа територии од државата.

Разни групи се поддржани од разни надворешни играчи, светски и регионални сили, кои имаат свои интереси во државата. Крвавата децениска војна однесе најмалку 370.000 животи и расели милиони луѓе, предизвикувајќи тешка мигрантска криза.
Шефот на ОН, Антонио Гутереш, на Твитер напиша дека „една деценија борби не донесе ништо друго освен пропаст и беда“.