Вториот син на американскиот претседател Доналд Трамп, Ерик, им се закани на републиканците од Сенатот и Претставничкиот дом.

Имено, тој порача дека нивната политичка кариера ќе биде завршена доколку не го поддржат неговиот татко денеска да го сврти резултатот од изборите, на седницата на која изборните резултати од сојузните држави ќе бидат читани од Конгресот.

Синот на Трамп го сврте вниманието кон 6 јануари, денот кога ќе се заверуваат избирачките гласови, додека тој беше гостин на телевизијата „Фокс њуз“.

– Денеска ќе ви кажам многу за земјата. Бидејќи, она што можам да ви го кажам е дека кој било сенатор или конгресмен кој нема да се бори, може да сметаат дека нивната политичка кариера е завршена. Бидејќи МАГА (слоганот на Трамп) не оди никаде – порача Ерик Трамп, а пренесува лондонски „Индипендент“.

Тој додал дека неговиот татко направил најголемо придвижување во американската историја и предупреди дека сенаторите и конгресмените кои не го поддржуваат сегашниот претседател треба да бидат маргинализирани на следните избори и да загубат.

Илјадници луѓе денеска уште пред зори се собраа во Вашингтон за да му дадат поддршка на претседателот Трамп и неговите обвинувања за изборни измами, во момент кога американскиот Конгрес се подготвува да ги потврди избирачките гласови за победата на Џо Бајден на претседателските избори.

Се очекува Трамп да им се обрати на своите приврзаници на митингот што ќе се одржи во близина на Белата куќа.