Имелда Кортез (20) жртва на силување од очувот (70) ќе се соочи со затворска казна од дваесет години поради обид за убиство на своето бебе, во Сан Мигел, Ел Салвадор, пишува „Гардијан“.

Кортез била пронајдена во тешка здравствена состојба од својата мајка во април 2017 година, а докторот кој ја породил пријавил убиство во полицијата. Иако Кортез изјавила дека не знаела за својата бременост, една недела од раѓањето на бебето е однесена во притвор.

Очувот ја посетил Кортез за време на престојот во болницата заканувајќи се дека ќе ги убие нејзината мајка, браќа и сестри доколку објави дека била силувана. Друг пациент кој ги слушнал заканите и пренел на медицинската сестра која ја повикала полицијата.

Кортез уште од 12 годишна возраст била злоставувана од  очувот и изјавила дека не знаела за својата бременост.

Обвинителите најпрвин ја обвинуваа Кортез дека го измислува силувањето за да го сокрие убиството на своето бебе се додека ДНК тест не го потврди татковството на очувот.

– Ова е најекстремна, скандалозна неправда против една жена што некогаш сум ја видела. Државата во континуитет ги крши правата на Имелда како жртва, таа е длабоко погодена, и одбива психолошка нега – изјавила Марија Берта Делеон, еден од адвокатите на одбраната на Кортез.

Кривичната постапка е во тек, а советот од тројца судии во текот на оваа недела ќе треба да донесе одлука за обвинувањето на Кортез. Абортусот е нелегален чин во сите околности во Ел Салвадор, а неговата забрана ги става во жените во суров прогон.