Автор: Дејвид Б. Лартер

Дифенс њуз

Патролата на американската морнарица во Баренцовото Море е најновото присуство во силно милитаризираниот Арктик каде што зачестуваат прашањата што се предмет на меѓународното право. За првпат по крајот на Студената војна, американската морнарица редовно е присутна во Арктичкиот круг со патролата од четири бродови од Баренцовото Море. Три од нив, кои пловеа заедно со фрегатата „Кент“ на британската кралска морнарица, беа уништувачи стационирани во Рота, Шпанија, како дел од операцијата предводена од шестата флота на американската морнарица.

Навлегувањето во задниот двор на Русија беше последната акција со која американската морнарица јасно покажа дека нејзиното присуство во студените води на Арктикот ќе стане рутина. Тоа што беше изведено со помош на европски стационирани уништувачи може да биде предвесник на нови операции на далечниот Север затоа што планирано е да се распоредат уште два уништувачи на сегашните четири.

Патролата во Баренцовото Море, од кое поголемиот дел припаѓа во ексклузивната економска зона на Русија, следи по патролите на американскиот носач на авиони „Хари С. Труман“ што го привлекоа вниманието во 2018 година, како и групната патрола за копнена акција во 2019 година. Иако новостите за поморските сили во Европа јасно покажаа дека Русија била информирана однапред за патролата за се избегне забуна, сепак пораката е јасна: американската морнарица се врати во Арктичкиот круг по 30 години.

Изборот за Баренцово Море е интересен поради неговата оперативна важност за руската флота на подморници, која и натаму е од светска класа и покрај тоа што поголемиот дел од неа беше повлечен по крајот на Студената војна, како што вели Брајан Кларк, поранешен американски офицер на подморница, кој сега е соработник на институтот „Хадсон“.

– Баренцовото Море е област каде што руските подморници обично извршуваат операции, а ние долго време не бевме присутни таму, поради што тоа стана нивен дополнителен простор за распоредување и го сметаат за свој бастион – порача Кларк, кој додава дека со испраќање на три уништувачи опремени со софистицирана опрема за одбрана од подморници, американската морнарица ја предупреди Русија дека таа не владее слободно со тоа море.

Но, Русија не ги прифати мирно новостите за обновените американски патроли. Во петокот, руската држава најави воена вежба со огнено оружје во Баренцовото Море што веројатно се смета за одговор на патролата сочинета од пет бродови.

Смрзнато жариште

Враќањето на американската морнарица на далечниот Север е дел од поголемото рефокусирање на државното внимание кон Арктикот, затоа што затоплувањето на водите и топењето на мразот отвораат временски поефикасни трговски рути и им даваат на државите поголем пристап до природни ресурси кои претходно беа тешко достапни поради превисоката цена.

Русија посебно ѝ стави до знаење на меѓународната заедница дека има суштински економски интереси и дека ќе ги брани, па дури ќе гради мразокршачи со крстосувачки ракети и топови за да патролира во смрзнатите води.

Русија, која се протега на повеќе од 11.000 километри од арктичкиот брег, го смета регионот од висока безбедносна важност и клуч за долгорочен економски успех. Рускиот претседател Владимир Путин во 2017 година ја процени вредноста на тамошното минерално богатство на 30 илјади милијарди долари.

На еден февруарски состанок пред Поткомитетот за транспорт и поморска безбедност, заменик-помошникот на секретарот за европски и евроазиски прашања во Стејт департментот, Мајкл Марфи, потврди дека руското воено засилување во Арктикот е закана по северното крило на САД и на НАТО.

Иако Русија соработуваше во одговорот на нафтеното излевање и спасувачките мисии, САД гледаат со сомневање на нејзините постапки, особено поради отворањето на арктичка база и поставувањето на крајбрежни противракетни системи, радари за рано предупредување и воздушна одбрана, како што тврдеше Марфи.

Доведена е во прашање ефикасноста на рутата во Северното Море, која беше една од причините поради која Арктикот стана привлечен за Кина, која сака да најде поевтин пат за испорака до Европа, смета Кларк од институтот „Хадсон“.

Каде се мразокршачите?

Иако САД сакаат да ги предизвикаат руските рестрикции на слободата на движење по рутата во Северното Море, сепак тоа ќе биде тешко без флота на мразокршачи. Крајбрежната стража располага со еден моќен мразокршач „Поларна ѕвезда“, а вториот, „Поларно море“, функционира како резерва. Но ќе добие помош.

По долгогодишни јавни барања за помош од високи функционери во крајбрежната стража, воената служба започна програма за обнова за да испрати три моќни мразокршачи и дополнителни три со средна моќност која се мери според видот на мразот кој го кршат, а не според физичката големина на бродот.

Валидни причини за северот

Друг проблем со операциите на далечниот Север е недостигот на значајна инфраструктура. Според законот за национално овластување во одбраната од годинава, секретарот за одбрана доби насоки за соработка со претседателот на генералштабот, армискиот корпус на инженери, крајбрежната стража и поморската администрација за да се изготви извештај до Конгресот, во кој се проценуваат можни локации за северно пристаниште. Потоа е потребно секретарот за одбрана да одреди една од повеќето локации како „стратегиски арктички пристаништа на министерството за одбрана“ во рок од 90 дена.

Американско пристаниште во Арктикот би било противтежа на неодамнешната тамошна руска активност, а ќе вклучува изградба на воената база „Северна детелина“ опремена со ракети, радари и воен кадар. Покрај нивните грижи за слободата на движење по рутата во Северното Море, САД се фокусирани на одржување на редот во нивната ексклузивна економска зона.

Превод: Билјана Здравковска