Најмалку 20 лица загинаа, а околу 150 се повредени во земјотресот што утрово ја погоди пакистанската провинција Белучистан, пренесуваат тамошните медиуми.

Пакистанските власти соопштија дека бројот на жртви може да се зголеми и дека многу луѓе загинале при уривање на дотраени згради, меѓу нив и голем број жени и деца.

Американскиот геолошки завод објави дека се работи за земјотрес со јачина од 5,9 степени според Рихтеровата скала, а епицентарот на земјотресот бил на длабочина од девет километри.

Спасувачките операции се уште се во тек, а локалните власти изјавија дека се претпоставува дека се повредени најмалку 150 луѓе, а неколкумина се итно префрлени во болница во критична состојба.

Повеќе од 100 куќи се урнаа, а голем број згради беа оштетени, оставајќи стотици луѓе без покрив над главата, а итните служби се на терен, потврдија локалните власти.