Секоја година околу седум милиони луѓе умираат поради изложеност на загаден воздух, објави Светската здравствена организација(СЗО).

Според СЗО, само загадениот воздух предизвикал 4,2 милиони смртни случаи во 2016 година, додека загадувањето на воздухот од несоодветни горива и технологии предизвикало 3,8 милиони смртни случаи во истиот период.

Тие бројки се на исто ниво со бројот на смртни случаи регистрирани во претходна студија објавена пред две години.

Студијата на СЗО покажува дека нивото на загадување на воздухот останува опасно високо во многу делови од светот. Нови податоци покажаа дека девет од 10 луѓе дишат високо загаден воздух.

Повеќе од 90 проценти од смртните случаи поврзани со загадувањето на воздухот се јавуваат во земјите со низок и среден приход, главно во Азија и Африка, по што следат земјите со ниски и средни приходи од регионот Источна Европа, Медитеранот и Америка.