СЗО им препорачува на владите да преземат се што можат за да спречи непушачите да имаат пристап до електронска цигара, плашејќи се од повторно популаризирање на пушењето, особено кај младите.
– Електронските цигари и други слични производи се опасни за здравјето и нивната употреба треба да се регулира, со цел да се спречи ’врбување’ на потенцијалните купувачи – предупреди Светската здравствена организација (СЗО).
– Никотинот предизвикува силна зависност, а електронските инхалатори за никотин се исто толку опасни, па нивната употреба треба да биде подобро регулирана – рече директорот на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус, кој во вторникот објави нов извештај за борба против пушењето, реализиран во соработка со „Блумберг Филантропис“ (Bloomberg Philanthropies).
Во извештајот се наведува дека производителите на вакви производи, чиј асортиман продолжува да се шири, честопати се насочени кон деца и адолесценти кои ги привлекуваат илјадници различни вкусови (во извештајот се наведува дека има дури 16.000).
Според извештајот на СЗО, употребата на електронски цигари е забранета во 32 земји, а 79 имаат усвоено барем една мерка што ја ограничува нивната употреба, на пример – забрана за рекламирање.
Во исто време, СЗО посочува дека дури 84 земји во светот немаат регулативи што би спречиле продажба на овие производи.
Во извештајот на СЗО се наведува дека пушењето убива осум милиони пушачи годишно, вклучително и еден милион пасивни пушачи.