САД, Кина и нивните сојузници одново ги вкрстија копјата пред и за време на годинашното заседание на собранието на Светската здравствена организација, обвинувајќи се кој сторил најмногу за справување со ковид-19, од каде потекнува вирусот и како најдобро да се спречи неговото ширење

Големите сили одново ја искористија Светската здравствена организација (СЗО) за своја геополитичка пресметка, меѓусебно обвинувајќи се кој сторил најмногу за да се справи со пандемијата, од каде потекнува коронавирусот и како најдобро да се спречи неговото ширење.
Дводневното заседание на Светското здравствено собрание што почна вчера, годинава се одржува виртуелно поради глобалната криза со ковид-19, а вообичаено се одржува во Женева. Светското здравствено собрание е клучното тело за носење одлуки на СЗО, на кое присуствуваат претставници на 194-те земји-членки на Обединетите нации. Годинашното, 73-то заседание на собранието на СЗО речиси целосно е посветено на зајакнување на глобалната координација против пандемијата на коронавирусот, кој инфицира над 4,7 милиони луѓе и уби над 315.000 луѓе.
Влијателни држави, а особено САД, ја критикуваат СЗО дека пребавно реагирала на кризата и дека е пристрасна кон Кина. САД решија да го запрат финансирањето на СЗО поради „неуспешниот одговор“ на организацијата на кризата со ковид-19.

Истовремено, администрацијата на Доналд Трамп, кој се соочува со реизбор и кој е цел на домашни критики за справувањето со здравствената криза, ја обвини Кина дека го прикрила ширењето на коронавирусот, но и дека тој е излезен од кинеска лабораторија, нешто што Пекинг жестоко го демантира, посочува Би-би-си.

Во меѓувреме, над 120 земји, предводени од ЕУ, Британија и Австралија, повикаа на независна истрага за глобалниот одговор на пандемијата. Истовремено, САД и нивни сојузници побараа од Кина да дозволи Тајван да присуствува како набљудувач на заседанието. Кина од 2016 година го блокира Тајван, кој го смета за своја територија. Во пресрет на средбата, Кина обвини повеќе членки дека сакаат да го политизираат собранието на СЗО. Кинеските медиуми објавија статии во кои се вели дека „САД и други земји“ се решени да разговараат за предлозите поврзани со Тајван за само една намена „да ги политизираат здравствените проблеми и да ги постигнат своите интереси на сметка на киднапирање на Светското здравствено собрание и на штета на глобалната соработка“. Во друга статија, пак, се вели дека „секој обид да се користи СЗО како алатка за геополитички игри е еднаков на оспорување за правото на здравје на човештвото“.

Кинеското министерство за надворешни работи го повтори несогласувањето на Пекинг за истрага за потеклото и ширењето на вирусот, велејќи дека е прерано да се прави тоа додека пандемијата уште трае. Минатиот месец, високиот кинески дипломат Чен Вен изјави за Би-би-си дека ваквите барања се политички мотивирани и дека истрагата само ќе ги одвлече вниманието и ресурсите од борбата против вирусот.
На собранието се очекува да се побараат поголеми овластувања на СЗО, што ќе им овозможи на инспекторите да влегуваат во земји на почетокот од епидемијата и да спроведат независни истраги. СЗО испрати тим на научници во Кина во јануари и февруари, но тоа беше заедничка мисија со кинеските власти.

Земјите што бараат независна истрага за глобалниот одговор на пандемијата нагласуваат оти е важно да се најдат одговори на повеќе клучни прашања од типот како се шири пандемијата или која е епидемиологијата што стои зад неа. Земјите, предводени од ЕУ, Британија и други, нагласуваат дека сега не е време за меѓусебни обвинувања, туку дека е време да се добија што повеќе сознанија. Сепак, ЕУ минатиот месец во извештај ја обвини Кина дека заедно со Русија шири дезинформации за кризата.