Повеќе од 11.000 вакцини против ебола ќе пристигнат во Гвинеја викендов, една недела по повторното појавување на епидемијата во таа западноафриканска земја, која беше сериозно погодена од оваа болест пред пет години, објави Светската здравствена организација (СЗО).

Вакцините ќе пристигнат на аеродромот во Конакри во недела попладне, а се планира мала церемонија пред да летаат кон Нзерекоре, објавија локалните здравствени власти.

– Триесет експерти за вакцинација веќе се мобилизирани на локално ниво и тие се подготвени да бидат распоредени веднаш штом вакцините пристигнат во Гвинеја – изјави регионалната директорка на СЗО за Африка, Матшидисо Моети.

Таа најави дека ќе бидат испратени дополнителни 8.600 дози вакцини од САД.