Според истражувањето на Светската здравствена организација (СЗО) спроведено во 130 земји за време на пандемијата на коронавирус, повеќе од 60 проценти од земјите пријавиле прекин на услугите за ментално здравје за ранливите групи, 67 проценти од земјите доживеале нарушувања во советувањето и психотерапијата, а околу 30 проценти од земјите пријавиле прекин на пристапот до лекови за ментални и невролошки нарушувања.

Пандемијата ја зголемува побарувачката за услуги за третман на менталното здравје. Губење на човечки животи, изолација, загуба на приход и страв предизвикуваат состојби на ментална непријатност или ги влошуваат постојните. Многу луѓе може да се соочат со зголемена употреба на алкохол и дрога, несоница и вознемиреност.

„Доброто ментално здравје е апсолутно клучно за целокупното здравје и благосостојба. Епидемијата на коронавирус ги наруши основните услуги за ментално здравје ширум светот токму кога тие се најпотребни“, рече генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејезус.

На Светскиот ден на менталното здравје, како дел од кампањата „Движење за ментално здравје“, СЗО ја поканува глобалната заедница да учествува во „Големиот настан за ментално здравје“, најголемата промотивна кампања на Интернет досега, со која се бараат зголемени инвестиции во менталното здравје на сите нивоа.