Масовната употреба на маски за лице има смисла во земји каде што другите превентивни мерки против коронавирусот тешко се усвојуваат, изјави шефот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Гебрејсус.
Иако ова не е општа препорака, изјавата на шефот на СЗО е променета во однос на претходниот став на организацијата. СЗО досега посочуваше дека маски треба да носат само заразените лица или лицата што се грижат за нив, но неделава најави дека ќе ги преиспита советите по истражувања во САД дека капките што лице заразено со ковид-19 ги исфрла при кивање или кашлање може да достигнат до осум метри, односно повеќе отколку што се сметаше претходно.

Гебрејсус вели дека со масовната употреба на маски би можело да се предизвика недостиг кај оние на кои им се најпотребни. Сепак, во земји во кои тешко може да се следат други мерки за ограничување на вирусот, поради недостиг од простор или чиста вода, маските може да бидат соодветна алтернатива.

– Со маски или без нив, има докажани работи што сите можеме да ги правиме – рече тој, препорачувајќи им на луѓето да одржуваат растојание, да мијат раце, да киваат во лакти и да избегнуваат да си ги допираат своите лица.
Повеќе земји во Европа веќе воведоа задолжителна употреба или во најмала рака им препорачуваат на граѓаните да носат маски на јавни места.