На само неколку месеци пред почетокот на официјалната кампања за претседателските избори во една од најголемите земји-членки на ЕУ, Франција, се вжештува реториката, но и неизвесноста меѓу кандидатите и конкурентите на актуелниот француски претседател Емануел Макрон. Според медиумите, најсериозен противкандидат на Макрон во моментов е претседателката на екстремно десничарскиот Национален фронт, Марин Ле Пен

Сѐ повеќе непознати во равенката за избор на кандидати на француските претседателски избори

Иако трката за нов претседател на Франција сѐ уште официјално не е почната, списокот на политичари што се надеваат дека ќе го заменат Емануел Макрон брзо се зголемува на само неколку месеци до претседателските избори во земјата. Клучните теми што доминираат во говорите на кандидатите за идниот француски претседател од политичкиот спектар во земјата се движат од оние за економијата, екологијата, справувањето со пандемијата и енергетската криза, па до справувањето со миграцијата и доселувањето, но и кроењето на идната политика на Унијата.
Светските медиуми веќе ги анализираат противкандидатите на актуелниот француски претседател, и покрај фактот дека Макрон сѐ уште не ја објави својата повторна кандидатура. Од она што е познато засега, иако анкетите укажуваат на предност на актуелниот претседател Макрон во однос на противкандидатите, сепак француските и европските медиуми пишуваат дека следните претседателски избори, кои треба да се одржат некаде напролет идната година, ќе бидат едни од најнеизвесните, од кои може да зависи дури и функционирањето на самата Европска Унија.

Марин Ле Пен главна ривалка на Макрон

Во меѓувреме, „Еуроњуз“ во својата анализа на темава пишува дека лидерката на крајната десница од Национален фронт, Марин Ле Пен, е главната ривалка на Макрон. Ле Пен (53) се држи строго до своите теми за доселување и безбедност. Меѓу мерките што таа ги планира се укинување на натурализацијата преку брак и автоматско државјанство за лицата родени на француска територија. Таа исто така планира да го ограничи пристапот до семејни додатоци на Французите исклучиво со петгодишен период на чекање за странците. Сака да ги укине и субвенциите за „привремени енергии“, вклучувајќи ги ветерната енергија и фотоволтаиците. Ле Пен, сепак, се откажа од идејата да ја извади Франција од Европската Унија (ЕУ), шенген-зоната или да го укине еврото. Најголем предизвик за неа ќе биде да го изгради својот кредибилитет за прашања што не се однесуваат на доселувањето и безбедноста.

Жан-Лук Меланшон – Непокорена Франција

Во исто време, Жан-Лук Меланшон од Непокорена Франција во анкетите има поддршка од околу 10 отсто. Неговите политички предлози цврсто се темелат на општествените прашања и трошоците за живеачка во земјата, кои во моменти на енергетска криза наидуваат на популарност кај населението. Тој планира да воведе закон за кризни состојби, според кој ќе можат да се замрзнат цените на основните потреби, како нафта, гас, струја и некои прехранбени производи. Исто така, сака да ја зголеми досегашната минимална нето-плата од 1.258 на 1.400 евра. Сепак, Меланшон е контроверзна политичка фигура, кому во декември 2019 година му беа изречени условна казна затвор и парична казна од 8.000 евра за заплашување службеници.

Ана Идалго социјалистката за која зборуваат сите

Ана Идалго (62) е актуелна градоначалничка на Париз и исто така е еден од сериозните кандидати за нов претседател на Франција. Таа, според пишувањата на светските медиуми, побара да се „обноват“ образовниот и здравствениот систем во земјата, а исто така побара прашањето за изгубените работните места во пандемијата повторно да се најде во фокусот на политичарите. Идалго се позиционира и како екологистка и силно се спротиставува на актуелните политики на Макрон за нуклеарните централи.

Зелениот Јаник Жадо

Европратеникот Јаник Жадо (54), кој, покрај Идалго, исто така се залага повеќе за зелена Франција, во својата програма вети дека земјата повеќе ќе обрнува внимание кон јавните политики за климата, здравјето, животната средина и социјалната правда. Жадо, исто така, сака да го врати данокот на богатство и да ги оданочи оние што повеќе инвестираат во фосилни горива. Тој претстави план за инјектирање 50 милијарди евра годишно во текот на неговиот петгодишен мандат за „обнова“ на државата и економијата.

И републиканците имаат свои претенденти за претседател

Главната десничарска партија Републиканската партија допрва треба да ги претстави своите кандидати, кога членството на партијата ќе излезе да гласа на почетокот од идниот месец. Засега во игра се Ксавиер Бертран, Валери Пекрес и Мишел Барние, познати политичари и министри во француската јавност. Тројцата кандидати, во принцип, имаат слични ставови доколку ја добијат довербата од матичната партија за кандидатура на престојните претседателски избори. Тие се залагаат за десничарските идеи, меѓу кои се и пониски даноци за граѓаните и независна нуклеарна енергетска политика, како и реформи во правниот, образовниот и судскиот систем во земјата. Некои од кандидатите во своите говори истакнаа и редефинирање на односите со ЕУ.

Контроверзниот колумнист Ерик Земур

Во исто време, се очекува во претседателската трка да се приклучи и контроверзниот колумнист, телевизиски експерт и автор Ерик Земур. Шеесет и тригодишниот Земур е познат по неговите провокации, за што неколкупати добиваше тужби. Тој тврди дека Франција е во геополитички и економски пад, за што ги обвинува доселувањето, „исламизацијата“ и „феминизацијата“ на општеството. Земур веројатно ќе ѝ наштети на Ле Пен, бидејќи двајцата делат исти ставови за голем број прашања, а исто така може да им украде гласови и на републиканците.