Паралелно со зголемувањето на бројот на заболени од коронавирусот на неделно ниво, Светската здравствена организација предупредува дека болниците се соочуваат со недостиг од кислородни концентрации што се користат како поддршка за дишење на заболените пациенти

Последици од пандемијата за кои предупредува СЗО

Додека низ светот неделно се потврдуваат речиси еден милион нови случаи на инфекции од коронавирусот, Светската здравствена организација (СЗО) предупредува дека болниците се соочуваат со недостиг од кислородни концентрации што се користат како поддршка за дишење на заболените пациенти, кои се соочуваат со недостиг од кислород. Тедрос Адханом Гебрејезус, генералниот директор на СЗО, вели дека многу земји во моментов се соочуваат со тешкотии да набават кислородни концентрации. Според него, побарувачката ја надмина понудата во моментов, а тоа може да предизвика сериозни импликации врз здравствените институции во кои на инфицираните пациенти од ковид-19 им е потребна кислородна поддршка за борба против болеста.

– Здравствената агенција набави 14.000 кислородни концентрации од производителите и планира да ги испрати во 120 земји во наредните недели – изјави Тедрос. Тој додава дека дополнителни 170.000 концентрации вредни околу 100 милиони долари треба да бидат достапни во текот на наредните шест месеци. Паралелно на сево ова, како што наведува „Гардијан“, во меѓувреме случаите во светот надминаа 9,4 милиони заболени, а СЗО очекува бројот до крајот на неделава да ја надмине и бројката од 10 милиони заболени лица. Според СЗО, досега, пак, од болеста се починати околу 505.070 лица.
Во меѓувреме, Северна и Јужна Америка продолжуваат да бележат зголемен број на случаи на ковид-19, а САД се втори по бројот на дневно регистрирани нови случаи и тој изнесува околу 34.700 случаи досега, наведуваат податоците објавени од универзитетот „Оксфорд“. Истражувачите од Институтот за здравствена статистика на Универзитетот во Вашингтон предвидуваат дека во САД до 1 октомври ќе бидат забележани 180.000 смртни случаи, а досегашната бројка изнесува 128.001 жртви од ковид-19.

Шефот на програмата за итна помош на СЗО, д-р Мајк Рајан, порача дека земјите од Латинска Америка исто така бележат зголемување на случаите од 25 до 50 отсто минатата недела. Мексико ја регистрира втората највисока бројка на смртни случаи досега со 947 починати минатата среда. Најцрниот ден беше забележан на 3 јуни со 1.092 смртни случаи. Во оваа земја досега се регистрирани 216.852 случаи.
Ништо не е поразлично и во Австралија. Таму, како што пишува „Гардијан, и натаму се чувствуваат економските последици по авиокомпаниите со тоа што „Квантас“ најави дека ќе бидат отпуштени околу 6.000 работници, а 15.000 други ќе бидат на принуден одмор до средината на 2021 година, како резултат на пандемијата.

Веднаш во соседството во Нов Зеланд, пак, граѓаните што се враќаат дома од жариштата на коронавируст се соочуваат со негодување бидејќи постои загриженост за пораст на нови случаи. Во исто време доброволци во Велика Британија, Бразил и во Јужна Африка веќе ги примија првите дози од експерименталната вакцина, како дел од човечкото тестирање на универзитетот „Оксфорд“. Од друга стана, пак, според „Гардијан“, Кина минатата недела регистрира 19 нови случаи на коронавирусот среде масовното тестирање во Пекинг каде што се чинеше дека епидемијата е ставена под контрола. Од новите случаи пријавени минатиот четвртокот, 13 беа во Пекинг, а еден во соседната провинција Хебеј. Властите соопштија дека други случаи биле регистрирани кај пет кинески патници, кои пристигнале од странство.