Државната секретарка во британското Министерство за Брегзит, Суела Брејвмен денеска поднесе оставка поради несогласување со предлог-договорот на премиерката Тереза Меј постигнат со ЕУ.

– Сега не можам да го поддржам договорот што беше вчера постигнат од страна на кабинетот – истакна Брејвмен во писмото објавено на Твитер.

Таа изјави дека предложената поддршка за Северна Ирска не е она за што гласаа Британците, додавајќи дека тоа може да го растури Обединетото Кралство.

Брејвмен истакна дека ваквиот потег го спречува недвосмислениот излез од царинската унија со ЕУ.

Брејвмен досега е четвртиот функционер во Владата на Тереза Меј, кој денеска поднесе оставка поради предлог-договорот за Брегзит.

Претходно утрово оставки поднесоа британскиот државен министер за Северна Ирска, Шаилеш Вара, министерот за Брегзит Доминик Рааб, како и министерката за труд и пензии Естер Меквеј.

Како резултат на оставките, фунтата утрово падна на Лондонската берза за повеќе од еден отсто во однос на доларот и еврото, а цените на акциите забележаа остар пад.