Поделена Британија: 47 отсто се „за“, 27 отсто се „против“, а 27 отсто не се сигурни дали е добра одлуката за суспендирање на парламентот

„Стоп за пучот“ е пораката од демонстрантите на масовните протести во Британија по одлуката на премиерот Борис Џонсон да го суспендира парламентот за да овозможи брегзит по секоја цена, со или без договор со ЕУ

Одлуката на британскиот премиер Борис Џонсон привремено да го суспендира парламентот предизвика бурни реакции од политичките претставници и од граѓаните што се против брегзит без договор со ЕУ. Потегот на Џонсон предизвика масовни протести на Островот, нови правни битки и уште една петиција со над еден милион потписи.

Владата тврди дека петнеделната суспензија на парламентот во септември и во октомври сепак ќе овозможи доволно време да се расправа за брегзит. Лидерот на конзервативците во Долниот дом на парламентот, Џејкоб Рис-Мог, изјави дека гневот е „лажен“ и дека потегот е „уставен и соодветен“.

– Гневот е од луѓе што никогаш не сакаа да ја напуштат ЕУ. Ова е најголем период на гнев за нив, или на лажен гнев, затоа што по 31 октомври веќе ќе ја напуштиме ЕУ – нагласи тој.

Министерот Мајкл Гоув само ги зголеми тензиите со изјавата дека суспензијата на парламентот, која во средата беше одобрена од кралицата, „сигурно не е“ политички потег за да се оневозможи опозицијата да спречи брегзит без договор со ЕУ.

Но парламентарните експерти како Рут Фокс сметаат дека оваа суспензија е „значително подолга од вообичаеното“ за да се почне нова парламентарна сесија. Фокс изјави за Би-би-си радио 4 во зависност од условите, суспензијата би можела да го преполови бројот на денови што пратениците би го имале за да ја анализираат позицијата на Владата за брегзит.

Британскиот премиер во средата изјави дека говорот на кралицата ќе се одржи по суспензијата на парламентот, на 14 октомври, за ја претстави својата „многу возбудлива агенда“. Тој посочи дека не сака да чека да заврши брегзит за да ги почне плановите за напредок на земјата.

Лидерот на конзервативците во парламентот Рис-Мог, кој беше на состанокот со кралицата, рече дека оваа парламентарна сесија била една од најдолгите во изминатите 400 години и дека било исправно да се прекине и да се почне нова.
Пишувајќи за „Дејли телеграф“, тој оцени дека единствената „уставна криза“ ја предизвикале оние што се спротивставиле на одлуката на референдумот во 2016 година за излегување на Британија од ЕУ. Британските пратеници во февруари 2017 година гласаа со 498 гласа „за“ и со 114 гласа „против“ за напуштање на Британија од ЕУ преку активирање на членот 50 од Лисабонскиот договор. Оттогаш почна одбројувањето до брегзит, кој би требало да се случи за нешто повеќе од два месеца.
Лидерот на опозициските лабуристи Џереми Корбин го опиша потегот на Џонсон како „демократски грабеж“ за да издејствува излегување на Британија од ЕУ без договор, со тоа што ќе ги оневозможи пратениците навреме да изгласаат закони во парламентот. Тој вети дека ќе ја запре суспензијата.

Лидерката на кампањата против брегзит Џина Милер, која претходно извојува победа во правна битка со министрите околу членот 50, поведе нова правна процедура против одлуката на Џонсон. Тој тврди дека сака Британија да ја напушти ЕУ на крајот на октомври со договор, но дека е подготвен и да ја извади земјата од ЕУ без договор наместо да го пробие крајниот рок.

Во средата вечер, илјадници демонстранти се собраа пред парламентот и потоа продолжија кон Даунинг стрит 10. Демонстрантите, кои носеа плакати со слогани против брегзит и вееја знамиња на ЕУ, извикуваа: „Стоп за пучот“. Протестите минаа мирно, а некои од демонстрантите за Би-би-си изјавија дека „ова е само почеток“ и дека ќе се организираат нови протести и блокади.
Во меѓувреме, електронската петиција на веб-страницата на Владата со која се бара парламентот да не биде суспендиран ја потпишаа над еден милиони граѓани за помалку од еден ден.

Анкета на „Југов“ од средата покажува дека 47 отсто од Британците сметаат дека одлуката е неприфатлива, 27 отсто сметаат дека е прифатлива, а 27 отсто не се сигурни. Истовремено суспензијата ја поддржуваат 51 отсто од граѓаните што гласале за брегзит и 52 отсто од гласачите што ги поддржуваат ториевците.
Ричард Мајлс од Бримингам е еден од луѓето што ја поддржуваат одлуката на британскиот премиер за суспендирање на парламентот.

– Пратениците само сакаат да го поткопаат демократското гласање што веќе се одржа на референдумот. Тоа што го прават е многу опасно – смета тој.

Кралицата го одобри барањето на Владата парламентот да се суспендира не пред понеделник 9 септември и не по четврток 12 септември, па до понеделник, 14 октомври. Премиерот Џонсон им пиша на пратениците дека „ќе има значајна легислативна програма што ќе треба да се усвои за брегзит, но дека таа не треба да биде изговор за недостиг од амбиција“. Тој, исто така, го повика парламентот да покаже „единство и решеност“ до рокот на 31 октомври, за владата „да има шанса да обезбеди нов договор“ со ЕУ.

Голем број јавни личности, вклучувајќи го и поранешниот британски премиер Џон Мејџор, претходно се заканија дека пред судовите ќе ја оспорат одлуката Џонсон да го суспендира парламентот за да овозможи брегзит без договор. По објавувањето на одлуката, Мејџор рече дека „не се сомнева“ дека мотивот на Џонсон е „да го заобиколи суверениот парламент што се спротивставува на неговата политика за брегзит“ и дека тој ќе продолжи да бара правен совет.

Шкотскиот суд веќе го разгледува барањето за правна процедура против одлуката на Џонсон, бидејќи не е можна правна процедура против одлуката на кралицата. Милер, која веќе извојува една правна битка против брегзитерите, вели дека ако намерата била да се искористи суспензијата на парламентот за да се ограничи неговиот суверенитет, тогаш може да се верува дека таа е „нелегална и противуставна“. Би-би-си посочува дека ако правниот тим на Милер може да докаже дека со одлуката за суспензија се блокира функционирањето на парламентарната демократија, тогаш сѐ е можно.

Во меѓувреме, пристигнаа првите реакции однадвор. Американскиот претседател Доналд Трамп оцени дека опозицискиот лидер Корбин тешко ќе издејствува гласање недоверба, бидејќи Џонсон бил „токму тоа што го бара Британија“ и дека докажа дека е „голем лидер“. Од друга страна, шефот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, оцени дека „секогаш е добро за демократијата да се слушаат парламентите и дека затоа е подобро тие да се држат отворени“. Ги Верховстад, координатор на Европскиот парламент за брегзит, ја оцени одлуката како „злонамерна“ и нагласи дека „никогаш нема да донесе идни стабилни односи“. Инаку, одлуката за суспензија предизвика и привремен пад на фунтата, бидејќи инвеститорите ја протолкуваа како најава за брегзит без договор со ЕУ, кој се смета за најлошо сценарио за двете страни.


Како се суспендира парламент

Суспендирањето на парламентот во Британија е можно кога премиерот ќе ја советува кралицата да го стори тоа. Суспендирање на парламентот досега е извршувано пред говор на кралицата, но тоа најчесто било кратко и многу ретко се случувало во време на уставни кризи. Парламентот вообичаено се суспендира на краток период пред почеток на нова парламентарна сесија и во тој период нема дебати и гласања. Овој процес е различен од распуштањето на парламентот, кога пратениците се откажуваат од пратеничките места за да одат на нови избори. Ако суспензијата се спроведе според најавите, британскиот парламент ќе биде затворен 23 работни денови. Пратениците не можат да ја блокираат суспензијата на парламентот, посочува Би-би-си.


„Нова политичка реалност“

Како и да се обландира суспензијата на парламентот, ова е нова политичка реалност во Британија. Во власта има тврдокорни брегзитери, кои се подготвени да сторат сѐ за да го завршат процесот на излегување на Британија од ЕУ, па дури и да ги прекршат досегашните конвенции, коментира политичката уредничка на Би-би-си, Лора Кунсберг.
Многумина сметаа дека не би се осмелиле, но на крајот тие го сторија тоа, а и оние што сега се наводно најгневни, баш и немаа многу проблеми кога тие ги извртуваа политичките правила, вели Кунсберг.
Но, според неа, потегот на Владата носи свои ризици, а тоа се нови избори. Од кабинетот на Џонсон велат дека прашањето не е дали туку кога.
– Но вистинското прашање е што ќе остане од нашите политички конвенции кога еден ден ќе заврши сето ова – заклучува Кунсберг.