Индија реши да купи руски ракетни системи „с-400“, што ги налути САД

Претседателот на САД, Доналд Трамп, ја повика Индија да го повлече „неприфатливото“ зголемување на царините за производите од САД пред средбата со индискиот премиер Нарендра Моди, на маргините на дводневниот самит на Г20, кој почнува денеска во Јапонија.

Индија во јуни ги зголеми царините за 28 производи од САД како одговор на зголемените американски царини од 25 отсто за челикот и од 10 отсто за алуминиумот. Индија воведе и построги правила за американските компании што работат во земјата, додека САД ги укинаа отстапките што ѝ овозможуваа на Индија да купува нафта од Иран. САД се закануваат и да укинат 85.000 работни визи што им овозможуваат на квалификуваните Индијци да работат во земјата. Вашингтон се заканува со казнени мерки и поради неодлучноста на Њу Делхи да ја блокира кинеската фирма „Хуавеи“ од 5Г-мрежите, како и поради одлуката да купи руски ракетни системи „с-400“. Индија и Русија потпишаа четири одбранбени договори во вредност од над 12 милијарди долари.

Трамп ги упати предупредувањата до Индија пред да замине на самитот на Г20, и тоа само еден ден откако двете страни се обидоа да ги маргинализираат тензиите. Претходно, американскиот државен секретар Мајк Помпео, кој е во посета на Индија, и неговиот индиски колега Субрахманјам Џаишанкар заеднички порачаа дека „и големите пријатели имаат разлики“.

Трговската размена меѓу САД и Индија се зголеми од 37,6 милијарди долари во 2009 година на 87,9 милијарди долари во 2018 година, но царинските војни и заканите за санкции може да ги влошат односите меѓу двете сили.