На најновата дебата на Демократската партија доминираа прашањата од меѓународната политика, а потенцијалните кандидати меѓу себе разменија серија остри критики. Сепак, бизнисменот Том Стајер, сенаторката Елизабет Ворен, бившиот потпретседател Џо Бајден, сенаторот Берни Сандерс, бившиот градоначалник на Саут Бенд Пит Бутиџеџ и сенаторката Ејми Клобучар беа согласни во осудата на убиството на иранскиот генерал Касем Сулејмани

Се разгорува трката во Демократската партија за кандидат на претседателските избори во ноември. На најновата дебата доминираа прашањата од меѓународната политика, а потенцијалните кандидати меѓу себе разменија серија остри критики. Сепак, бизнисменот Том Стајер, сенаторката Елизабет Ворен, бившиот потпретседател Џо Бајден, сенаторот Берни Сандерс, бившиот градоначалник на Саут Бенд Пит Бутиџеџ и сенаторката Ејми Клобучар беа согласни во осудата на убиството на иранскиот генерал Касем Сулејмани, кој неодамна беше ликвидиран во американски ракетен напад во близината на аеродромот во Багдад, пренесуваат светските медиуми.

Во период на зголемени тензии помеѓу САД и Иран, сенаторот Сандерс, кој самиот се нарекува демократски социјалист, ги нападна надворешнополитичките потези на фаворитот во трката за номинација на Демократската партија, Џо Бајден. Сандерс го критикуваше Бајден затоа што во 2002 година, како сенатор, гласаше за одобрување на американската инвазија на Ирак, врз основа на разузнавачките податоци дека диктаторот Садам Хусеин поседува оружје за масовно уништување – податоци што се покажаа како неточни, додека, пак, Сандерс се противеше на ирачката војна.

Сенаторот од Вермонт изјави дека Бајден ја поддржал најголемата надворешнополитичка грешка во историјата на САД. Од друга страна, Бајден, кој долго време тврди дека неговиот глас за Ирак бил грешка, одговори дека и покрај тоа што правел грешки, како потпретседател на Барак Обама работел на тоа дома да се вратат повеќе од 150.000 американски војници стационирани во Ирак.
Сенаторката Клобучар од Минесота изјави дека исто така била против инвазијата на Ирак и го обвини претседателот Трамп дека непромислено ја води земјата кон нова војна, во актуелниот конфликт со Иран. Истовремено, сенаторката Ворен, главната ривалка на Бајден и Сандерс, и другите кандидати порачаа дека би работеле на враќање дома на илјадници американски војници од Блискиот Исток.

– Мораме да го смениме менталитетот дека одговор на светските жаришта е испраќање нови американски војници во странство – истакна Ворен.
На прашањето дали некои војници би оставила на Блискиот Исток, таа одговори дека мора сите да бидат повлечени оттаму. Од друга страна, Сандерс порача дека на Американците им е смачено од бесконечните војни.

Бутиџеџ, кој е единствениот воен ветеран помеѓу учесниците на дебатата во Ајова, изјави дека најдобро би служел како врховен командант на САД, бидејќи пораките од минатото за него се од лична природа. Во своето обраќање, богатиот активист за заштита на животната средина Стајер оцени дека Трамп очигледно нема стратегија кон Иран и се согласи со Бајден дека е потребна меѓународна коалиција за сузбивање на нуклеарните амбиции на Иран.

Кога станува збор за меѓународната трговија на САД, и тука можеа да се слушнат поделени мислења. Сандерс изјави дека се противи на трговскиот договор помеѓу САД, Мексико и Канада, кој го договори администрацијата на Трамп, додека, пак, Ворен порача дека го поддржува, оценувајќи дека станува збор за „скромно подобрување“.
Ова беше седмата дебата досега, со најмал број кандидати од почетокот на демократската трка и прва во која учествуваа само бели кандидати.

Афроамериканските, јужноамериканските и азиските кандидати или испаднаа од трката поради недостиг од пари и поддршка, или не се квалификуваа за дебата.
Демократите во руралната Ајова први ќе гласаат за номинацијата на кандидатот на внатрепартиските избори на 3 февруари. Бајден, кој сега ја води својата трета трка за претседателска номинација на својата партија, води на анкетите на национално ниво, но заостанува зад другите кандидати во Ајова и во некои други држави. Според најновите анкети во Ајова, Сандерс е на првото место, со поддршка од 20 отсто од гласовите. Ворен е на второто место со 17 проценти, Бутиџеџ е на третото со 16 отсто, додека, пак, Бајден е на четвртото место со поддршка од 15 проценти.