Како дел од вежбата „Морски ветер 2020“ во водите на Црно Море вплови и американскиот уништувач „Портер“

НАТО ја одржува годинешната поморска вежба „Морски ветер 2020“ во водите на Црно Море. Во овој обемен поморски воен маневар учествуваат над дваесет борбени бродови и авиони на Алијансата. Истовремено, овие вежбовни активности на Сојузот будно беа следени од воениот врв на Москва, кој истовремено во јавноста упати пораки на загриженост за воената вежба

Дваесет и седум брода од 10 држави земји-членки на НАТО и партнерите неделава учествуваа во годинашната поморска вежба на Алијансата „Морски ветер 2020“, која се одржува во водите на Црно Море во организација на Украина и на САД.
Во поморската вежба, која се спроведува дваесет години во низа, овој пат учествуваат воените бродови и авиони на членките на НАТО-земјите од Бугарија, Норвешка, Романија, Шпанија, Франција, Италија, Турција, Украина и од САД, но и Грузија, која е само партнер на воениот блок. Целта на воената вежба „Морски ветер 2020“, според официјалното соопштение на организаторите, е да се воспостават стабилност и безбедност во црноморскиот регион.
Сепак, ваквите поморски воени маневри во предворјето на Руската Федерација веднаш го вклучија алармот на официјална Москва, каде што како одговор на поморските увежбувања на Алијансата, Русија стави на готовност околу 3.000 војници и неколку авиони и поморски бродови во регионот.

Во таа насока Русија уште во петокот веднаш мобилизира илјадници војници и воена техника сместени на Крим. Како што објави новинската агенција ТАСС, официјален Кремљ уште пред почетокот на поморската вежба на НАТО ја распоредил Црноморската флота на Русија во областа каде што беше спроведена и проверка на борбената готовност на руските сили.
Во меѓувреме руското министерство за одбрана деновиве објави видеоснимка на која се гледа како над неутралните води над Црно Море три американски авиони биле пресретнати од руските воздушни сили. Министерството соопшти дека минатиот петок руски авион од типот „су – 30“ пресретнал американски борбени авиони и на безбедно растојание ги придружувал додека истите летала не ја напуштиле пограничната воздушна маршрута.
Предходно рускиот заменик-министер за надворешни работи, Александар Грушко, истакна дека доколку е потребно Русија ќе преземе мерки за зајакнување на нејзината западна граница како одговор на распоредувањето на силите на НАТО.

– Секако, внимателно го анализираме сето тоа, вклучувајќи го и военото планирање. Доколку се процени дека е потребно засилување, тогаш, се разбира, ќе бидат преземени сите неопходни мерки – рече Грушко. Тој истакна дека потенцијалниот одговор на Русија на акциите на Алијансата ќе биде ефикасен и поевтин.
– Понекогаш, за време на разговорите со нашите колеги, тие посочуваат дека нашиот одговор мора да биде симетричен. Не, ние ќе го сториме она што го сакаме. Сето тоа ќе биде во согласност со обврските што сме ги презеле – додаде Грушко.
Инаку, како што пренесува угледниот американски магазин „Нејви рекогнишон“ повикувајќи се на информации од „Шестата американска флота“, годинешната вежба ќе биде насочена на поморските операции за спречување, воздушна одбрана, војување против подморници, контрола на штета, како и операции за пребарување и спасување.

Во американските единици се вклучени уништувачот со управувани ракети „Портер“ од класата „арли бурк“, како и патролниот борбен авион „п-8 посејдон“ од ескадронот 47.
Според најавите, во деновите што преостануваат од вежбата се очекува да присуствуваат околу 400 припадници на американската воена морнарица и уште дополнителни 2.000 војници од други држави. Како што јавува „Нејви рекогнишон“, настанот беше ограничен единствено на седум дена поради пандемијата на ковид-19. Според порталот, во вакви воени вежби на НАТО обично се вклучени и копнените вежби, но оваа година тие ќе се изведат исклучиво на море и во воздух.
– Главната цел е да се спроведе меѓународна поморска безбедносна операција во кризната област. Во Црно Море состојбата подолго време не е стабилна.

Вежбите како „Морски ветер“ покажуваат дека САД и партнерите на НАТО ги поддржуваат мирот и стабилноста во регионот на Црно Море. Морето не е пречка, туку начин за комуникација, така што задачата на сите флоти е да ги направат поморските врски полесни и побезбедни. Не сите држави ги разбираат овие принципи. Ова особено се однесува на Руската Федерација – истакна вицеадмиралот Олексеј Нејжпапа, командантот на украинската морнарица во телефонскиот брифинг.