Автобус со деца од училиште и неколку родители кои се враќале од екскурзија излетал од патот на индонезискиот остров Јава, а во несреќата загинале 27 лица, соопшти денеска Министерството за транспорт на таа земја.

Агенцијата за спасување објави дека возачот на автобусот изгубил контрола непосредно пред падот во областа во близина на градот Сумеданг во провинцијата Западна Јава, пренесува Ројтерс.

Министерството за транспорт соопшти дека во автобусот се превезувале средношколци и некои родители, а преживеале 39 лица.

Фотографиите од местото на настанот покажуваат дека автобусот завршил настрана, а спасувачите се обидувале да ги извлечат преживеаните.

Точната причина за несреќата е сè уште непозната, иако Министерството соопшти дека има први индиции оти безбедносните тестови на возилото се застарени.