Руската полиција приведе десетици демонстранти во земјата на митинзите организирани од сојузниците на опозицискиот лидер Алексеј Навални поради влошената здравствена состојба, информираат руските медиуми.

Според нив, поддржувачите на најжестокиот критичар на Владимир Путин стравуваат дека Навални може да умре набргу и бараат да му се укаже соодветна медицинска помош.

Официјални лица посочуваат дека тој се третира како и секој друг затвореник и предупредуваат дека протестните собири се незаконски.

„ОВД-инфо“, организација што ги следи протестите и бројот на приведени, објави дека 199 лица биле приведени во врска со протестни митинзи на десетици места во целата земја. Според оваа организациј, а бројот може и да се зголеми.

Десетици полициски комбиња беа испратени до центарот на градот. Плоштадо,т на кој планираа да се соберат активистите, е опкружен со метални бариери, како и Црвениот плоштад, објавија медиумите.

Сојузниците на Навални соопштија дека првин ќе се соберат на две други локации во центарот на Москва.

Претседателот на Европскиот совет, Чарлс Мишел, рече дека е за жалење што најблиските соработници на Навални се притворени пред протестите.

Навални беше уапсен во јануари кога се врати во Русија по петмесечното закрепнување во Германија од труење за што тој самиот го обвинува рускиот претседател Владимир Путин.