За време на четвртиот ден од процесот на импичмент на Доналд Трамп во Сенатот на американскиот Конгрес, адвокатите на поранешниот претседател ги презентираа своите позиции три часа, по што беа испрашувани од сенаторите, јави ДПА.

Демократите прашуваа како неоснованите обвинувања на Трамп за изборни измами ги радикализирале неговите приврзаници. Републиканците се сомневаат дали импичментот е политички спектакл насочен кон дискредитација на Трамп. Претставниците на обете партии прашаа дали Трамп презел нешто за да го запре насилството на 6 јануари.

Утрово, по локално време, Сенатот повторно ќе се состане и се очекува да гласа за обвинението за поттикнување бунт против Трамп.

За да се признае вината на Трамп, 17 републиканци мора да застанат на страната на демократите. Досега само неколку умерени републикански сенатори изјавија дека сакаат да ја признаат вината на Трамп. Меѓу нив се Мит Ромни од Јута и Лиса Мурковски од Алјаска.

Во меѓувреме, анкетата на Cи Ен Би Си покажа дека 54 проценти од анкетираните се за целосно повлекување на Трамп од политиката. Во истражувањето учествувале околу 1.000 возрасни Американци и е спроведено од 2 до 7 февруари.