Макрон се наоѓа под зголемен притисок, бидејќи неговата најблиска изборна ривалка го посочи хаосот со вакцините против ковид-19 како негов „Ватерло“. Според универзитетот „Џонс Хопкинс“, Франција дала само 12,3 милиони дози од вакцината, додека Велика Британија има вакцинирано 36,9 милиони лица. Марин Ле Пен порача дека Франција сега „ги трпи последиците од доцнењето, неговата гордост и неговите недоследни одлуки, а високата цена ја плаќа народот“.
На 2 април, Ле Пен го потврди своето заминување од лидерската позиција на партијата Народно обединување по крајот на летото. Таа сака да ја прошири својата поддршка пред претстојните претседателски избори закажани за идната година. Ле Пен претходно изјави дека сака биде „кандидатка на сите Французи“. Идните претседателски избори ќе бидат трет обид за неа да седне на претседателската функција. Во анкетите се предвидува дека Макрон ќе победи со минимална предност од 53 до 47 отсто. Педесет и едногодишната Ле Пен беше членка во Европскиот парламент од 2009 до 2017 година, а стана лидерка на партијата во 2011 година. Денес, таа повеќе тежнее кон конзервативното убедување и зборува за заштита на средината, политичко единство, феминизам, реформирање наместо излез од Европската Унија и откажување од еврото.