Фото: Маја Јаневска-Илиева

Податоците на американскиот институт „Пју“ изнесуваат загрижувачки информации, кои велат дека бројот на христијаните во земјите на Стариот Континент се намалува поради напливот на нехристијанско население од териториите на Африка и на Азија, како и поради изразениот помал наталитет кај христијаните во споредба со исламскиот свет

Американско истражување за верската слика во светот

Паѓа бројот на христијаните во Европа, но затоа расте на африканскиот континент, во земјите како Кенија и Уганда. Застапеноста на православните меѓу христијанското население на глобално ниво исто така бележи намалување, а ваквиот развој е во корелација со севкупниот пад на процентот на христијаните на Стариот Континент, кој низ годините од 91 отсто се намали на 77 проценти.
Ова, меѓу другото, го наведува во своја анализа институтот „Пју“ од Њујорк, кој во своето истражување за верската слика во светот пишува дека главна причина за овие демографски промени што ѝ се случуваат на Европа е растечкиот број на нехристијанските доселеници, кои главно се од Африка и од Азија, но и поради сѐ поизразениот помал наталитет кај христијаните во споредба со исламскиот свет.
Податоците на истражувачкиот центар говорат дека покрај падот на верници кај католиците и православните, има тренд на намалување на бројките и кај протестантските верници во Европа.
Во исто време, интересно е што американскиот институт, спротивно на бројките на намалување на христијаните на Стариот Континент, бележи зголемување на христијаните во Африка.

Па, така, според „Пју“, околу 1,3 милион православни верници во моментов живеат на африканскиот континент, каде што до пред околу 80 години, со исклучок на мала дијаспора на некои православни цркви, речиси и да немаше православни верници таму.
Според податоците, половината од овие верници се во Кенија, додека поголеми групи живеат и во Уганда и во Танзанија. Сепак, пресметките на њујоршкиот „Пју“ велат дека застапеноста на православните меѓу христијанското население во светот е во драстичен пад во овие неколку години.
– До пред 100 години, православните христијани сочинувале 20 отсто од светското население, а денес тие се околу 12 проценти – наведува документот на институтот од Њујорк.
Во меѓувреме на истава тема, германски „Дојче веле“ пишува дека пред пандемијата, Германија имала околу 45,75 милиони христијани. Од нив 22,6 милиони католици, 20,7 милиони припадници на некоја од другите цркви и околу два милиони православни христијани. Овие бројки, според германскиот медиум, се драстично помали во споредба со 1990-тите години, веднаш по падот на Берлинскиот ѕид, кога во обединета Германија речиси 71 отсто од населението припаѓаше на некоја од црквите.

– Во Германија, ако се земе предвид регуларната миграција без бегалските бранови, до 2050 година уделот на муслиманското население би можел да изнесува 11 отсто, што е двојно повеќе од денес – се тврди во друга студија на американскиот институт „Пју“.
Инаку, трендот на намалување на бројот на христијанските верници е последица на природен развој. Многу експерти познавачи на состојбите тврдат дека на ваквиот надолен тренд имаат улога повеќе фактори, а како најважен е лошата економска слика во која западна светот со пандемијата.