Турската полиција истражува тврдења дека можеби е употребена киселина за да се уништи евентуалното тело на исчезнатиот саудиски новинар Џамал ​​Кашоги, со цел да биде прикриено негово наводно убиство, пишува „Хуриет дејли њуз“.

Според порталот „Хабертурк“ полицијата и разузнавачката служба на Турција МИТ сериозно ги разгледуваат овие тврдења.

Сомнежите дека Саудијците во конзулатот во Истанбул веќе се ослободиле од телото ги изнесе Туран Кишлакчи, претседател на Турско-арапската медиумска асоцијација и пријател на саудискиот новинар.

– Полицијата и МИТ сериозно го сфаќаат тоа тврдење. Тие истражуваат дали телото на Хашоги било растворено во киселина – пишува „Хабертурк“.

Турција и Саудиска Арабија се очекува денеска да спроведат заедничка „инспекција“ во саудискиот конзулат во Истанбул, соопшти извор од турското Министерство за надворешни работи.

И саудискиот крал Салман претходно денеска нареди истрага за исчезнувањето на Кашоги, кој на  2 октомври влезе во саудискиот Конзулат во Истанбул, по што му се губи трагата.

– Кралот му нареди на Јавниот обвинител да отвори внатрешна истрага за предметот Kашоги врз основа на информациите од заедничката работна група во Истанбул – изјави официјално лице, кое побарало анонимност.

Делегацијата на Саудиска Арабија во петокот пристигна во Турција. Анкара се согласи  да се формира заедничка работна група со Саудиска Арабија, со цел да се утврдат околностите на исчезнувањето на новинарот.

Kашоги, новинар кој работеше за „Вашингтон пост“ и беше критичар на Ријад, се води за исчезнат откако на 2 октомври влезе во Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул за да земе некои документи. Турските власти стравуваат дека тој е убиен од тајната служба на Саудиска Арабија, додека Ријад негира.