Руските власти одлучија да го затворат Музејот посветен на историјата на гулагот, кој се наоѓа во градот Јошкар-Оли, со образложение дека објектот е запуштен.

– Повеќе немаме пристап до музејот. Вчера имаше обид за отстранување на експонатите, најверојатно на барање на градската управа, изјави директорот на музејот Николај Аракчејев.

Според неименуван извор од локалното Министерство за култура, зградата каде е сместен музејот не е реновирана од 1835 година и претставува опасност за посетителите.

Но, со тоа не се согласува Аракчејев, поранешен офицер и татко на осум деца, а претходно работеше во локалниот огранок на невладината организација „Меморијал“, специјализирана за човекови права и репресија од времето на СССР. Тој по распадот на Советски Сојуз трагаше по останките на жртвите од сталинистичката репресија во локалните шуми, каде се стрелани стотици луѓе.

Аракчејев оценува дека неговите активности му пречат на властите.

– Сакаат да го уништат музејот кој е извор на историска вистина и слобода, наведе Аракчејев.

Музејот се наоѓа во резиденцијата на еден од најбогатите руски трговци од 19 век, Василиј Булигина, која подоцна стана седиште на локалната советска полиција одговорна за чистките за време на владеењето на Сталин.

– Жртвите на репресија тука се измачувани и стрелани. Ѕидовите на музејот се натопени со крв. Посетителите излегуваа згрозени, истакна Аракчејев.