Авион со американски војници денеска се запали на ирскиот аеродром „Шенон“ непосредно пред полетувањето, поради што се прекинати сите летови на аеродромот, објави телевизијата РТЕ.

Службите за итни случаи беа повикани на местото на настанот и беа евакуирани сите патници и екипажот. Во инцидентот нема повредени лица, пренесува „Ројтерс“.

Менаџментот на аеродромот на Твитер објави дека операциите се привремено прекинати по инцидентот со авионот „боинг 767-300“.

Контролорите на летот забележале оган и чад од гумите на авионот од компанијата „Омни ер интернешнл“ додека се движел по пистата.

„Омни ер интернешнл“ е приватна авиокомпанија која транспортира американски и странски војници и членови на нивните семејства низ целиот свет.

Во тек е отстранувањето на авионот од пистата за да може сообраќајот да продолжи.