Спорот меѓу двете држави се интензивира веќе шест месеци, откако Пекинг во мај воведе 80 отсто казнени антидампинг-царини на увозот на австралиски јачмен и го забрани увозот на говедско месо поради здравствен ризик. Неодамна беше одложена испорака на австралиски јастози што станаа неупотребливи, винопроизводителите се соочуваат со царини меѓу 107,1 и 212,1 отсто, а Пекинг го спречи и увозот на јаглен. Откако беше потпишан договорот за слободна трговија меѓу Австралија и Кина и стапи во сила во декември 2015 година, Австралија забележа значаен раст во трговијата со Кина. Но односите меѓу државите постепено се влошија. Во 2017 година се појавија тврдења дека кинески моќник со блиски врски до кинеската Комунистичка партија донирал огромни суми во австралиските политички партии. Тогашниот премиер Малколм Турнбул нареди истрага за мешање на странски сили. Во 2019 година, шефот на австралиската безбедносно-разузнавачка организација, Данкан Луис, ја обвини кинеската влада дека имала цел „да го преземе“ австралискиот политички систем преку „подмолно“ странско мешање. Годинава, односите меѓу Канбера и Пекинг дополнително се влошија поради репресивните мерки во Хонгконг и во Синџијанг. Во април, премиерот Скот Морисон побара меѓународна истрага за потеклото на коронавирусот.