Сведоштва за оружените напади во Виена

Австриската полиција покрена потрага по оружените напаѓачи кои синоќа отворија оган на повеќе локации во Виена. Еден од напаѓачите, кој беше убиен од полицијата, е идентификуван како припадник на Исламска држава, додека властите соопштија дека трагаат по најмалку уште еден осомничен. Нападите беа изведени на шест локации во близина на синагога во центарот на градот и во нив имаше најмалку четири жртви и 15 повредени лица.

Лидерот на еврејската заедница Оскар Дојч соопшти дека не е јасно дали синагогата била цел на нападот, бидејќи била затворена кога тој се случил. Рабинот Шломо Хофмајстер беше во синагогата за време на нападот.

 – Кога ги слушнавме истрелите се заклучивме и низ прозорците гледавме како напаѓачите пукаат кон гостите на баровите и пабовите во близина. Напаѓачите трчаа наоколу и истрелаа барем 100 рунди куршуми, а можеби и повеќе, пред нашата зграда – кажа Хофмајстер.

Баровите и рестораните во Виена беа исполнети со гости кога се случија нападите.

 – Пукањето почна одеднаш. Отпрва не знаевме што се случува. Потоа пак дојде до пукање, но поблиску, па почнавме да бегаме. Не знаевме дали одиме во вистинска насока и избегавме во хотел во близина и се сокривме таму – вели еден од очевидците на терористичкиот чин.

„Звучеше како да пукаат петарди, а потоа сфативме дека станува збор за истрели“, гласи сведоштвото на друг граѓанин на Виена.

Низ Виена можеа да се слушнат полициски сирени и хеликоптери, додека градот беше блокиран, а австриските медиуми пишуваат дека „полицијата е насекаде и градот е затворен“. Австрискиот министер за внатрешни работи Карл Нехамер соопшти дека повеќе единици на специјалните сили ги бараат осомничените терористи, како и дека Пптрагата не е ограничена на Виена.