Американскиот претседател Доналд Трамп вчера повторно ја изрази неговата желба за целосно воено повлекување од Авганистан. Иако Трамп не наведе датум за повлекувањето, среде шпекулациите дека тој би можел да стави крај на најдолгата војна која САД ја водат, американскиот претседател изјави дека ова ќе биде дел од неговата кампања за реизбор, пренесува „Ал Џезира“. 

– Во Авганистан сме 19 години. Мислам дека тоа е доволно. Секако, кога и да посакаме можеме да се вратиме таму – изјави Трамп на конференција во Белата куќа. 

На прашањето кога е планирано повлекувањето, Трамп изјави дека засега нема датум, но дека станува збор за постепено повлекување, кое сака да се случи што е можно побрзо. 

САД веќе почнаа со повлекување на трупите како дел од договорот потпишан со талибанците во Доха на 29 февруари. До јули 2021 година, сите воени сили во Авганистан треба да се повлечат, со што ќе биде ставен крај на најдолгата војна што ја водат САД.

Коментарите на Трамп доаѓаат откако властите во Авганистан соопштија дека во вторникот ослободиле околу 900 талибански затвореници низ целата земја, приближно 600 од нив од озлогласениот затвор Баграм близу Кабул.

Ослободувањето е дел од заложувањето на авганистанската влада да ослободи до 2.000 затвореници на вооружената група како одговор на тридневната понуда за прекин на огнот на талибанците. Ова е втор прекин на огнот во 19 години, а властите побараа продолжување на примирјето кое резултираше со тратко здивнување од насилното војување во земјата. 

Размената на затвореници под покровителство на договорот меѓу САД и Талибанците, како подготовка на мировните преговори меѓу вооружената група и инклузивната авганистанска делегација, со цел да се стави крај на дводецениската војна. 

Портпаролот на талибанците, Сухаил Шахин, во објава на Твитер го поздрави ослободувањето на 900 затвореници како „добар напредок“ и рече дека групата наскоро ќе ослободи „голем број“ затвореници. Но, групата не изјави ништо за продолжување на примирјето. Минатиот месец, талибанците го отфрлија повикот за прекин на огнот за време на Рамазан. 

– Според упатствата на нашите лидери, а базирано на договорот меѓу САД и талибанците, ние нема да се вратиме на бојното поле – изјави за „Ројтерс“ член на талибанците откако беше ослободен од затвор во предградието на Кабул. 

Друг затвореник се радуваше на слободата. 

– Се надевам дека ова ќе резултира со мир во нашата земја – изјави тој, додека на ослободените затвореници им се даваа облека, пари и транспорт до нивните домови. 

Претседателот Ашраф Гани изјави дека неговата администрација е подготвена да ги започне мировните преговори, кои се сметаат за клучни за завршувањето на војната долга дречиси две децении. Владините преговарачи ќе бидат предводени од поранешниот ривал на Гани, Абдула Абдула, откако тие потпишаа договор за поделба на моќта минатата недела, со кој беше прекината повеќемесечната политичка криза за власт во земјата.

Оружениот конфликт во Авганистан што почна на 7 октомври 2001 година, американските медиуми честопати го нарекуваат „бесконечната војна“. Во досегашните борби животот го загубија околу 70 илјади лица.