Се бараат 12 луѓе кои ќе прифатат четиримесечно отсуство од работа со цел да одлучуваат за обвинението на според многумина најголемиот наркобос на 21-от век, Хоакин Гузман – Ел Чапо, на неговото судење кое почна во Њујорк, пренесуваат американските медиуми.

Изборот ќе биде спроведен меѓу 100-те од вкупно 920 њујорчани што одговорија на прашалникот од 35 страници на судот. Меѓу потенцијалните поротници има професионален имитатор на пејачот Мајкл Џексон, додека некои од кандидатите истакнаа дека ја гледале играната серија „Ел Чапо“ посветена на животот на поранешниот шеф на мексиканскиот картел Синалоа (која според нив била здодевна), како и популарната серија „Наркос“, чија тематика се колумбиските наркокартели (една жена беше изземена поради можно влијание на содржината од „Наркос“ врз нејзиното расудување). Само еден поротник признал дека е исплашен од Гузман, додека друг кажал дека прекарот Ел Чапо го асоцира на сендивич именуван според наркобосот. Од потенцијалните поротници било побарано да изразат мислење за полицијата, а биле прашани и дали знаат шпански. 

Според новинарите присутни во судницата, изборот досега се одвивал без потешкотии, бидејќи кандидатите за поротници не покажале страв од обвинетиот кој седел наспроти нив. Напротив, се стекнал впечаток оти поголемиот дел од нив се расположени да учествуваат во судскиот процес. Првиот ден од изборот, во кој учествуваат одбраната и обвинителството, биле одбиени 17 од вкупно 46 испитаници.

Судијата претходно донесе одлука идентитетот на поротниците да остане анонимен, како и да бидат придружувани под силно полициско обезбедување, поради озлогласеноста на Ел Чапо кој е поврзуван со повеќе од 30 убиства, како и со внесувањето на повеќе од 200 тони кокаин во САД. Преземени се и дополнителни мерки за заштита на сведоците поради репутацијата на Ел Чапо, кој наводно, наредувал киднапирање и ликвидација на оние што се осмелиле да зборуваат против него.

Гузман се изјаснил за невин за 17-те обвинувања кои вклучуваат трговија со дрога, заговор за убиство и нелегално поседување на оружје. Воведните зборови на судењето се очекуваат денеска, доколку биде завршен изборот на поротата. М.Ж.

Судењето на поранешниот шеф на картелот Синалоа ќе биде под засилено обезбедување