Јужна Кореја ја повикува Северна Кореја да ги зачува постојните линии на комуникација меѓу двете земји, изјави портпаролот на јужнокорејското министерство за обединување.

– Овие телефонски линии помеѓу југот и северот се главниот инструмент за одржување комуникации, тие мора да бидат зачувани во согласност со постојните договори – потенцираше јужнокорејскиот претставник, пренесува ТАСС.

Тој исто така истакна дека Сеул сака во иднина да се придржува до сите меѓукорејски договори и да вложи напори да постигне мир и просперитет на целиот корејски полуостров.

Северна Кореја претходно објави дека ќе ги пресече сите линии на комуникација со Јужна Кореја почнувајќи од денеска, а како причина за таквата одлука, изјави дека Јужна Кореја испраќа летоци на север.