Офицерот во кипарската армија доби повеќе доживотни казни затвор за убиство на пет жени од странство и две нивни деца, пренесува Би-би-си.

Никос Метаксас (35) се изјасни за виновен пред судот за 12 обвиненија во врска со кидапирање и убиствата на седум жени и девојчиња во Кипар во период од три години.

Во солзи, тој им се извини на семејствата на жртвите и рече дека не знае зошто ги сторил овие злосторства.

Случајот кој го потресе грчкиот дел од острвската земја Кипар, првпат во својата историја се соочи со судење на сериски убиец.

– Кипарското општество ќе се запраша како еден од нивните членови стигнал до оваа точка. И јас се прашувам себеси, и сè уште не можам да најдам одговор – рече убиецот Метаксас пред судот во Никозија.

Казната која ја доби поранешниот офицер, кој носеше панцир во судницата, е највисоката во историјата на кипарскиот судски систем.

Убиствата се случија во периодот меѓу септември 2016 и август 2018 година. Три од неговите жртви беа од Филипините, една од Непал и една од Романија. Повеќето од нив работеле на Кипар како куќни помошнички. Двете деца беа на возраст од шест и осум години.

Државниот шеф на полицијата по отривањето на случајот доби отказ, а министерот за правда поднесе оставка, поради лошо спроведената истрага по пријавувањето на исчезнатите лица.