Петмина претседатели и водечките луѓе на дел од најголемите светски банки и произведувачи на оружје се меѓу учесниците на конференцијата позната како „Давос во пустината“ која се одржува неделава во Ријад, каде што Саудиска Арабија ја користи финансиската моќ за да ги намами „тешкашите“, пишува „Фајненшл тајмс“.

Откако минатата годишна средба на инвеститорите во кралството беше бојкотирана од голем дел на поканетите гости, во екот на бруталното убиство на новинарот Џамал Кашоги, сега дел од нив се вратија.

Со почетокот на конференцијата, саудискиот принц Мохамед бин Салман се соочува со предизвик да го претвори гламурот во инвестиции, додека Ријад се мачи да го исполни амбициозниот план за менување на неговата економија која зависи од нафтата.

Странските директни инвестиции во кралството се на најниско ниво во однос на изминатите неколку години, додека економијата е блиску до втората рецесија во последните три години. А нападите во срцето на саудиската нафтена индустрија минатиот месец ги истакнаа геополитичките ризици со кои се соочува државата, што доведе до намалување на кредитниот рејтинг на Саудиска Арабија од страна на агенцијата Фич.

На конференцијата ќе бидат присутни и голем број на политичари, меѓу кои и бразилскиот претседател Жаир Болсонаро, индискиот премиер Нарендра Моди, претседателите на Нигерија, Кенија, Република Конго и на Нигер. А зетот и советникот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, ќе се обрати на панел во рамки на конференцијата.

Но ќе има и неколку познати имиња што ќе изостанат од конференцијата. Меѓу нив е Дара Хосровшахи, извршниот директор на „Убер“ кој и минатата година го откажа учеството. Не се очекува да присуствуваат ниту водечките луѓе на неколку големи банки.