Во хаосот што уследи по симнувањето на Николае Чаушеску од власт, во познатата Романска револуција, беа застрелани и убиени повеќе цивили отколку во текот на судирите помеѓу војската и незадоволните граѓани во текот на сузбивањето на протестите наредено од диктаторот. Никој уште нема јасен одговор зошто се случија убиствата и кои беа извршителите, пишува „Политико“.

Долгогодишната тематика на јавните расправи и теории на заговор, овие прашања се актуелизираат на судењето на водечките членови на револуцијата што е во тек. Според одредени проценки, во најнасилната револуција меѓу државите што излегоа од Железната завеса, беа убиени околу 1.100 луѓе, а повеќе од три илјади беа повредени. Романската јавност се надева дека судењето ќе даде одговори за важниот, но турбулентен период на државната историја.

– Често велев дека сакаме да ја знаеме вистината за декември 1989 година, дека сакаме виновниците да бидат изведени пред правдата – кажа романскиот претседател Клаус Јоанис, за време на комеморација во Букурешт во неделата. 

Но многумина сметаат дека горливите прашања нема да бидат одговорени.

– Ако не беа решени за 30 години, што може сега да се стори – веели Георге Преда кој загубил око откако бил застрелан додека барал подарок за неговата ќерка.

Во 30-те изминати години, беа отворени и затворени повеќе истраги. Во 2014 година, воените обвинители затворија случај кој ги истражуваше настаните на Револуцијата, со образложение дека не може да има обвиненија, бидејќи имало вакуум на моќ пред Јон Илиеску да ја преземе власта. Заменикот државен обвинител повторно го отвори случајот во 2016 година.

Сега 89-годишниот Илиеску, во април беше обвинет за злосторства против човештвото, како и за ширење дезинформации кога изјави дека имало терористи во Револуцијата. Тој ги негираше обвинувањата.

Околу пет илјади луѓе беа повикани да сведочат на судењето кое почна на крајот од ноември. Првиот ден се појавија само 600 потенцијални сведоци од 3.500-те кои беа повикани.

Покрај нерешените прашања, уште е присутен и стравот, со што многумина се уверени дека нема да добијат одговори.