Новата официјална биографија на севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун, која беше издадена во чест на 75-годишнината од формирањето на севернокорејската Работничка партија, ја доведува во прашање легитимноста на неговото владеење, пренесува „Телеграф“. 

Во „Револуционерна историја на другарот Ким Јонг-ун“ воопшто не се споменува каде тој е роден, а исто така недостигаат и годините на неговата едукација во приватно училиште во Швајцарија. Друг голем детаљ што недостига во биографијата е поврзан со неговата мајка. Таа никогаш не била официјално венчана со неговиот татко, а била родена во Јапонија, додека нејзината мајка, пак, била Јапонка. 

Нејзиното потекло би ја сместило неговата мајка Ко Јонг-хи цврсто во најниската каста на системот во Северна Кореја, составен од три нивоа, а би ја означило како „непријателски настроена“ кон режимот. Наместо детали за неговото раѓање и за неговите родители, биографијата на Ким започнува со неговите години во воениот универзитет „Ким Ил-сунг“ во Пјонгјанг.

– Секоја книга која е дел од кампањата на режимот е дизајнирана да го гради култот кон личноста на лидерот, така што и оваа книга го претставува Ким како бог. Но, интересна разлика во оваа биографија се деталите кои недостасуваат – вели Тошимитсу Шигемура, професор на Универзитетот Васеда во Токио и автор на голем број книги за династијата Ким. 

Шигемура објаснува дека во биографиите на Ким Јонг-ил и Ким Ил-сунг, таткото и дедото на Ким, било посветено големо внимание на маките и страдањата од нивното детство, иако некои од тие детали не се потврдени или пак, се неточни. 

Според државната литература, Ким Јонг-ил бил роден во 1941 година во стара колиба на планината Паекту, која е света планина за севернокорејскиот народ, но вистината е дека тој бил роден во камп за бегалци во Русија. 

– За мене, најинтересниот избегнат детаљ е мајката на Ким, бидејќи доколку во Северна Кореја се дознае дека тој има родител кој е припадник на „непријателската“ класа, тоа ќе покрене прашања за легитимноста на неговото владеење кое е базирано целосно на „чистокрвните потомци од планината Пекту“ – вели Шигемура .