Семејствата на патниците чекаат информации за нивните најблиски

Еден од патниците во индонезискиот авион испратил селфи до неговата сопруга, непосредно пред полетувањето на летот што вчера се урна во морето, пренесува „Дејли мејл“. На фотографијата се забележува 22-годишниот Дерил Фида Фебријанто со зелена маска на лицето. Неговата сопруга Луфтинани Ека Путри, со која стапил во брак пред две недели, им кажала на медиумите дека тој ја контактирал во 6.12 часот, но престанал да одговара на нејзините пораки три минути подоцна.

Дерил Фида Фебријанто испратил фотографија до сопругата, пред полетувањето

Семејствата на 189-те луѓе во авионот уште чекаат вести за нивните најблиски. Компанијата „Лајон ер“ соопшти дека организирала транспорт за 90 членови на семејствата на патниците до Џакарта, додека уште 76 допрва треба да пристигнат во главниот индонезиски град. Луѓето на аеродромот во Џакарта се во солзи додека чекаат информации. Нуни Нести (53) вели дека ги загубила нејзиниот син и внук во несреќата. Тие патувале во Џакарта за да гледаат фудбалски меч. Во авионот биле и 20 вработени во министерството за финансии на Индонезија, кои се враќале во Панкал Пинанг по поминатиот викенд со семејствата во Џакарта.

Индонезиските власти отворија кризен центар на аеродромот во Тангеранг, каде што луѓето можат да го проверат списокот на патници. Спасувачката акција ќе трае седум дена, по што ќе биде одлучено дали ќе биде продолжена за уште три дена. Експертите сметаат дека нема преживеани, а не се очекува ниту сите извлечени тела од морето да бидат идентификувани.

Најблиските го проверуваат списокот на патници во авионот