Интернет-биографијата на Марија Бутина претрпела бројни промени

Корисници на интернет-енциклопедијата Википедија анонимно воделе кампања за промена на биографијата на две лица вмешани во наводниот руски заговор за инфилтрирање во американската Националната асоцијација за оружје (НРА) и за влијаење на Републиканската партија и на владата на САД, пишува „Дејли бист“.

Почнувајќи во март, корисниците што одржувале страница на руски на Википедија, направиле серија промени во биографијата на руската државјанка Марија Бутина, која е обвинета за обид за развивање тајни канали за комуникација со американските политичари, кои имаат пристап до власта. Тие ги менувале и податоците на републиканскиот активист Пол Ериксон, кого Бутина, наводно, го вовлекла во нејзината шпионска акција, и со кого, наводно, имала интимни односи за пристап во политичките кругови.

Целта на менувањето на информациите била да се дискредитира известувањето за истрагата за случајот на ФБИ, како и бришење на деталите за соработката помеѓу Бутина и Ериксон. 

Идентитетот на лицата што ги менувале информациите е непознат, но за два од налозите што ги користеле, постои поврзаност со универзитетот „Вашингтон“ каде што Бутина студирала. Корисничкиот профил „Керолајн456“ направил 50 промени во биографијата на Бутина, по што еден од уредниците на Википедија ја довел во прашање пристрасноста на корисникот.

Бутина неодамна беше приведена во Вашингтон, и обвинета дека е тајна агентка на Кремљ. Девојката ги отфрли обвинувањата во истрагата на ФБИ, а нејзиниот адвокат Роберт Дрискол изјави дека таа е легитимна студентка на колеџ и надежна деловна жена.