Полска е земја што е најголемиот увозник на странски работници во ЕУ

Покрај многуте антидоселенички владини реторики внатре во Унијата, многу бизниси во блокот се потпираат на работници од другите делови на Европа особено од источните држави, кои сега поради ковид-19 не се во можност да се вработат како сезонски работници во ЕУ

Откако поголемиот број членки на Унијата на почетокот од март воведоа гранични контроли поради пандемијата и со тоа им забранија на стотиците илјади сезонски работници што извршуваат земјоделски работи да ги минуваат границите и покрај мерките што се преземаа во обид да се спречи ширењето на коронавирусот, ваквиот чекор наскоро би можел да предизвика сериозни импликации врз производството на храна во ЕУ, а тоа истовремено би можело да создаде и недостиг од медицински материјали, услуги и слично.
Ова меѓу другото во своја анализа го наведува угледниот магазин „Форин полиси“, каде што пишува дека околу 1,5 милион луѓе живеат во една земја членка на ЕУ, а работат во друга. Меѓу клучните професии, според магазинот, за кои Европската комисија бара да се отворат границите во целост се и лекарите, полицијата и транспортните работници. На пример, во Луксембург повеќето здравствени работници живеат во Франција и во Белгија.

Од друга страна покрај овие земји, Полска во моментов поради воведување на едни од најстрогите рестриктивни мерки во Европа, државата ја напуштија околу 150.000 од милион Украинци, кои таму живеат и работат како најголема доселеничка група. Сега кога полската економија повторно почна да заживува од рецесијата предизвикана од пандемијата, бизнисите се борат да најдат работници на кои можат да се потпрат и бараат начини како да ги вратат во земјата или да најдат нивна замена, наведува „Форин полиси“.
– Во изминатите неколку години, Полска стана најголемиот увозник на странски работници во ЕУ. Во 2018 година, според официјалните извештаи, Полска издала 635.000 први дозволи за престој што е една петтина од вкупниот број на вакви документи издадени во Унијата. Од 2014 година, речиси два милиони Украинци работат во земјоделството, градежништвото, производството и логистиката. Токму тие се двигатели на полската економија во услови на стареење на локалното население, падот на наталитетот и големиот број Полјаци, кои се отселуваат за да работат во другите земји од ЕУ. Како резултат на тоа, Полска прифати досега невиден број доселеници за разлика од практиката во другите западни држави – пишува „Форин полиси“.

Во меѓувреме економските приоритети во неколку наврати се судрија со непријателски настроените ставови на дел од членовите на националистичката владејачка партија во земјата односно Закон и правда (ПИС). Полската влада со која раководи ПИС се најде во судир со ЕУ околу бриселскиот став за прифаќање на азилантите.
– По затворањето на границите годинава, многумина сега имаат проблем да влезат во Полска. Повеќето гранични премини сè уште се затворени, а оние што функционираат пропуштаат само патнички автомобили – истакна Томаш Богдевич, директорот на „Греми персонал“, агенцијата за регрутирање, која дури организираше неколку лета неодамна.
Според него, многу доселеници се соочуваат со проблемот каде ќе се сместат во текот на двете недели од задолжителната самоизолација кога ќе пристигнат во земјата што преставува дополнителен проблем за државата.

Во таа насока некои бизниси решија да ги ангажираат сезонските работници што веќе се во Полска. Една компанија во приморското село Устроние Морские ги пополни слободните 180 работни места со работници од Индонезија и од Филипини, кои беа отпуштени од стовариштата и рестораните во текот на пандемијата.
– Земјоделците имаат поголема потреба да најдат сезонски работници. Еден производител на боровинки во јужното село Олчовец секоја година ангажира 800 работници. До лани речиси сите биле од Украина, сега нема никој – вели Јосип Гусак од секторот за вработување во фирмата.
Во тој контекст полската влада неодамна ги олабави мерките за самоизолација за странските земјоделски работници со што им дозволи веднаш да почнат со работа во строго контролирани санитарни услови. Сезонските работници, според најавите на Владата, требаше да се тестираат бесплатно за разлика од наставниците, кои се вратија на работа на крајот на мај.

Но природата на доселувањето во Полска се менува. Лани, како што наведува магазинот, Владата издала речиси 40 отсто повеќе работни дозволи на Украинци од претходната година со можност за престој до три години. Повеќето од тие работници се преселуваат во поплатените сектори како индустријата и услугите, а уделот на украински работници во земјоделството се преполови во периодот од 2014 до 2018 години. Исто така минатата година рекорден број нови компании биле регистрирани од странци во Полска. Инаку поради недостиг од работници Полска изминатиот период ангажираше 36.000 Непалци, 20.000 Индијци и 18.000 Бангладешани. Слична е состојбата со недостиг од сезонски работници и во преостанатите земји како Германија, Франција и Шпанија.