Над територијата на Саудиска Арабија ноќеска биле пресретнати седум балистички ракети истрелани од страна на јеменски шиитски бунтовници.

Од делови на ракетите загинало едно лице, а две други се повредени.

Три од ракетите биле истрелани врз главниот град Ријад, една кон гарнизонскиот град Хамис Мешејт и три кон градови во јужниот дел на земјата, соопшти портпарол на воената коалиција составена од арапски сунитски држави на чело со Саудиска Арабија.

Жртвата е Египќанец кој живел во Ријад, а двајцата повредени исто така се Египќани.

Сите седум ракети, кои биле истрелани од бунтовниците Хути, се пресретнати и уништени, додаде портпаролот.

Ракетниот напад се совпадна со третата годишнина од интервенцијата на коалицијата против шиитските бунтовници Хути во Јемен, поддржани од Иран. Бунтовници Хути го зазедоа јеменскиот главен град Сана во 2014 година и конфликтот ескалираше со напредувањето кон Аден, кој е под контрола на Владата. Во март 2015 година Саудиска Арабија и нејзините сојузнички сунитски држави започнаа воена интервенција против бунтовниците шиити.