Додека трае пандемијата, светските лидери разбирливо се преокупирани со заканата од заразата. Но има други опасности по човештвото што бараат внимание. Една од најзастрашувачките претставува нуклеарната војна. За жал, ризикот од нејзиното случување продолжува да се зголемува, пишува Андреас Клут во неговата колумна објавена од „Блумберг“.

Бројките се нејасни. Глобалните резерви на нуклеарни боеви глави незначително се намалија минатата година, според последниот извештај на Меѓународниот институт за истражување на мирот од Стокхолм. Но тоа е само затоа што САД и Русија, двете држави кои поседуваат 90 отсто од светскиот нуклеарен арсенал, размонтираа некои од застарените боеви глави.

Во меѓувреме, сите девет држави со нуклеарно вооружување ги модернизираат боевите глави и нивните системи. На тестот извршен минатата недела, Франција од подморница успешно истрела нуклеарна ракета која може да патува меѓу континенти 20 пати побрзо од брзината на звукот. Други држави исто така го засилуваат нуклеарниот арсенал.

Уште позагрижувачки е што државите ги преиспитуваат и стратегиите за употреба на ваквото вооружување. Исчезна аморалната, но логичка, стабилност на Студената војна, кога две суперсили се држеа меѓусебно под контрола со заканата за „Осигуреното меѓусебно уништување“.

Сите напори за ограничување или намалување на нуклеарното вооружување запреа. Договорот помеѓу САД и СССР што ги елиминира ракетите со краток и среден дострел пропадна минатата година. Дојде до застој и во обидот за унапредување на договорот за нераспространување на нуклеарното оружје, 50 години откако стапи во сила.

Единствената меѓународна спогодба за забрана на оружјето, договорот за забрана на нуклеарното оружје усвоен од Обиденитете нации во 2017 година, не е ратификуван од ниту еден нуклеарна сила. Згора, се појавија сомнежи и за НАТО, подривајќи го кредибилитетот на Алијансата кој е од клучно значење за спречување на војна. Дел од германските социјалдемократи во мај ја обновија расправата за прашањето дали Германија треба да остане под нуклеарниот чадор на НАТО.

– Исто така, и климата на меѓународните односи не придонесува за носење на решенија. Светските лидери се зафатени со „трговски војни“ и „вакцина национализам“, со што тешко може да замислат да седат на заедничка маса со луѓе кои ги презираат, а со кои треба да раговараат, во нешто што беше познато како дипломатија. Но тие мораат да се издигнат. А ако не можат, тогаш ние останатите, од гласачите до воениот кадар, треба да ги принудиме. Само трпеливиот мултилатерализам, може да не спаси. Во спротивно, со користење на метафора од Студената војна, светските нации ќе се најдат во соба полиени со бензин, броејќи кој има колку чкорчиња, додека некое не биде запалено – заклучува Клут.