Њујорк и Вашингтон се меѓу градовите во североисточниот дел на САД кои денеска ги очекуваат обилни снежни врнежи и силни ветрови кои ќе ги донесе четвртата зимска бура во регионот во последните неколку недели.

Само ден по астрономскиот почеток на пролетта, државните училишта во Њујорк, Филаделфија, Вашингтон, Бостон и други градови се затворени, а откажани се повеќе од 4.100 летови.

Администрацијата на Белата куќа ги откажа сите ангажмани на претседателот Доналд Трамп поради временските услови, вклучително и редовната средба на Владата. Многу владини институтции во Вашингтон исто така се затворени.

Градоначалникот на Њујорк Бил де Блазио ги повика луѓето денеска порано да се вратат во своите домови за да го избегнат периодот во кој се очекува снежната бура да биде најсилна, од 16 до 22 часот по локално време. Тој предупреди дека како резултат на виулицата во доцните попладневни часови се очекува да се формира снежна покривка која ќе се зголемува со по осум сантиметри на час, а ќе има и ветар со брзина до 65 километри на час. Се очекува снежната покривка во градот да достигне од 30 до 45 сантиметри.

Националната метеоролошка служба издаде предупредување за зимска бура, која ќе засегне над 70 милиони луѓе во неколку источни држави од Северна Каролина до Масачусетс.