Јужнокорејската национална разузнавачка служба тврди дека Северна Кореја се обидува да дојде до „рецептот“ за вакцината против ковид-19 преку хакерски напади врз „Фајзер“, објави новинарската агенција „Јонхап“, а пренесува „Ројтерс“.

Постојат сомнежи дека севернокорејски хакери лани извршиле девет напади врз здравствени организации, меѓу кои „Џонсон и Џонсон“, „Новавакс“ и „Астра зенека“. „Јонхап“ не откри детали кога се случило наводното хакирање, ниту пак дали било успешно. Огранокот на „Фајзер“ во Азија исто така не даде коментар во врска со нападот.

Дигиталната шпионажа врз здравствени организации, производители на вакцини и лекови се засили од почетокот на пандемијата, додека хакерски групи, најчесто со државна поддршка, се обидуваат да дојдат до најновите истражувања и информации за вирусот.

Северна Кореја честопати е обвинувана дека користи хакерски групи со цел да ги полни државните каси, откако меѓународните санкции и стравот од ширење на вирусот ја доведоа нивната економија речиси до колапс.

Здравствените експерти тврдат дека хакерите најверојатно се позаинтересирани да ги продадат украдените податоци за вакцините, отколку тие да бидат употребени за развој на домашна вакцина.

Северна Кореја се очекува да добие околу два милиона дози од „Астра зенека-Оксфорд“ до првата половина на годинава, преку програмата за споделување вакцини „Ковакс“.