Амбасадорот на Северна Кореја во Италија, Јо Сонг-гил побара азил во земјата во која ја врши должноста, пренесува „Гардијан“. Со барањето на азил, ова е уште еден случај од ваков тип, каде висок претставник на севернокорејската дипломатија бара азил во една од земјите каде што ја претставува својата држава.

Според информациите од дипломатски извори во Сеул, Јужна Кореја, Јо Сонг-гил побарал азил заедно со неговото семејство, а италијанските власти потврдија дека тој е на „сигурно“ додека не се донесе одлука дали неговото барање ќе биде прифатено.

Последниот висок диполомат од Северна Кореја кој побара азил и ја напушти својата позиција е Тае Јонг-хо, кој служеше како амбасадор на оваа земја во Лондон до 2016 година.

Јо Сонг-гил, кој беше амбасадор на Северна Кореја во Рим од октомври 2017 година ја наследи позицијата од Мун Јонг-нам, кој беше протеран од страна на Италија поради тоа што владата на Ким Јонг-ун тестираше нуклеарно оружје и ја прекрши резолуцијата на Обединетите нации.

Севернокорејските дипломати кои служат во земји во странство најчесто се приморани да ги остават семејствата во државата, најчесто децата, за да биде помала шансата тие да пребегаат или да побараат азил.