Неодамна потпишаните договори во Вашингтон, со кои индиректно, со посредство на САД, Србија и Косово ги регулираат нивните меѓусебни односи, претставуваат вистински предизвик за анализа за оние што се занимаваат со геополитика. Спомнувањето на Израел, Хезболах и преселбата на амбасадата во Ерусалим во целиот тој контекст за добивање на вкупната слика е приказна за себе. Некој би се запрашал од каде се најдоа овие теми во разговорите меѓу Србија и Косово? И каква врска воопшто имаат тие со косовското прашање? Се разбира, темиве не се вметнати случајно во текстот на договорот, па затоа заслужуваат посериозен приод и анализи

Анализа

Интересен приод за анализа на позицијата на Србија во контекст на потпишаните договори во Вашингтон, каде што Србија и Косово почнаа да ги регулираат нивните меѓусебни односи, од една страна, како и влијанието на истиот тој договор врз понатамошните билатерални односи на Србија со Русија и Кина направи аналитичарот Дамир Копљар во „Геополитика“. Неговата теза е дека иако Русија и Кина никаде не се директно посочени, доколку го прочитаме текстот на договорот, ќе видиме дека токму ним им е посветено исклучително големо внимание.

Каде може да ги најдеме Русија и Кина во договорот?

Како што истакнав претходно, овие две држави никаде не се експлицитно спомнати, но, за волја на вистината, никој не е толку глупав за да не може да разбере за што всушност станува збор во текстот. Еве ги двете точки од договорот што се однесуваат на оваа тематика:

Точка 8
Двете страни ќе ги збогатат (диверзифицираат) своите извори на енергија.

Точка 9
Во своите мрежи на мобилни комуникации, двете страни ќе забранат употреба на 5Г-опрема што се испорачува од непроверени продавачи.
На местата каде што таквата опрема е веќе присутна, двете страни ќе бидат обврзани да дејствуваат и посредуваат во процесот на нејзино навремено отстранување.

Диверзификацијата значи стоп за купување енергенти од Русија?!

Да почнеме со точката број 8. Иако Русија никаде не е директно спомната, на сите им е совршено јасно дека оваа точка се однесува токму на неа. Прашањето за енергетската диверзификација е само една од формите на западниот дискурс, која во превод значи „запирање на купувањето енергија од Русија и префрлање на енергијата што ја нудат САД.“ Терминот диверзификација најчесто се користи кога од ЕУ се бара прекин на енергетската соработка со Русија.
Како што веќе знаеме, САД вршат огромен притисок врз Германија, очекувајќи таа да се откаже од изградбата на гасоводот „Северен тек 2“ и да купува американски течен природен гас. Неодамнешниот случај со Навални одново го отвори прашањето за реализацијата на наведениот проект и воведувањето дополнителни санкции против Русија. Голем број германски медиуми го обвинија Владимир Путин дека лично го организирал нападот врз својот политички противник, барајќи Русија да биде казнета на енергетски план.

Истата работа се бара и од Белград, а Србите, со потпишувањето на овој договор, веќе се согласија дека ќе го сторат тоа. Сега Белград ќе мора да им врти грб на руските енергенти и да отвори влез за некои нови (американски) играчи на својот пазар. Ова претставува дополнителен проблем ако се има предвид дека рускиот капитал е енормно присутен во српскиот енергетски сектор.
Мнозинскиот капитал во нафтената индустрија на Србија (НИС) е руски. Исто така, вреди е да се нагласи дека Србија досега беше верен руски сојузник кога станува збор за енергетскиот бизнис. По бугарската опструкција, Србија го прифати нереализираниот проект „Јужен тек“, кој требаше да биде алтернатива за достава на рускиот гас низ Европа. Сето тоа сега ќе мора да се смени.
Српско-руските односи на хартија добри, во практика заладуваат

Оние што малку повнимателно ја следат состојбата во српската политика забележаа дека во последно време дојде до заладување на односите меѓу Александар Вучиќ и Русија. Причината за ова лежи во фактот што Путин експлицитно му соопшти на Вучиќ дека Русија нема да прифати никаква форма на српско признавање на Косово, нагласувајќи дека Белград мора да инсистира на спроведување на Резолуцијата 1244. За Русија не доаѓа предвид никаква друга форма на договор или замена на територии надвор од оваа резолуција. Ова го истакна и Сергеј Лавров при својата неодамнешна посета на Белград. Индиции во врска со руското влијание во Србија се појавија и за време на неодамнешните протести во Белград. Во одредени моменти, демонстрациите беа доста крвави и опасни за Вучиќ, а медиумите многу брзо ја проширија веста дека зад демонстрантите се крие руско влијание.

Оние што се добро упатени во состојбите исто така знаат дека Вучиќ не е „човек на Русија“ и дека не владее со нејзин благослов. Тој првенствено имаше поддршка од Западот, но во своето владеење се обидува, барем провизорно, да гради добри односи со Русија, бидејќи српскиот народ негува топли чувства кон „Мајка Русија“. Човекот што руската политика сакаше да го види на местото на Вучиќ е денес веќе маргинализираниот и заборавен Томислав Николиќ. Тука е и Ивица Дачиќ, кој одржува исклучително блиски односи со Москва. Судејќи според развојот на настаните, во иднина можеме да очекуваме сѐ поголемо дистанцирање на Вучиќ од Москва, но и сѐ поголема поддршка од страна на Москва за неговите политички ривали. Пред нас доаѓаат интересни времиња.

Какви се актуелните српско-кинески односи?

Во периодот додека ги заоструваше односите со Русија, Вучиќ се обидуваше да ги зајакне оние со Кина. Она што Кина го има, а Русија го нема се парите. Кина има многу пари и подготвена е да инвестира, додека Русија, окована во синџир од санкции, не е способна да ја обезбеди целата финансиска помош што од неа би ја побарале и очекувале нејзините сојузници. Ова е исклучително важно за Србија како држава, затоа што заканите за санкции од Западот секогаш може да бидат надоместени со зајакнување на политичката и економската соработка со Кина. Во последниве неколку години Кина направи неверојатен чекор напред во сферата на комуникациите. Никој веќе не им се потсмева на кинеските производи, ниту, пак, излегува со приказни во врска со нивниот квалитет и функционалност. Кина дефинитивно прераснува во технолошка суперсила, а најдобар пример за тоа е 5Г-технологијата.
Имено, со потпишувањето на најновиот договор, Србија јасно и недвосмислено ѝ ветува на Америка дека нема да користи кинески производи. Ова е само уште еден пример за американско-кинеската трговска војна и за обидот на САД да привлечат што повеќе држави кон себе, свртувајќи ги против Кина и нејзината технологија.

Дали српскиот претседател копајќи нов бунар, ги закопа старите?

Иако никој нема да го каже тоа гласно, на сите им е јасно дека со ваквиот потег Вучиќ изгоре многу мостови помеѓу Србија, од една, и Кина и Русија, од друга страна. Потпирањето врз овие две држави е исклучително важно за него, затоа што голем број поединци во рамките на српската политика токму него го обвинуваат дека е марионета на Западот, која е донесена на власт за да ја раздели Србија од Русија и да го признае Косово. Средбите на Вучиќ со Путин и со високи кинески претставници му послужија на српскиот челник како најдобро оправдување, кое им ги затвори устите на неговите противници и испрати порака до српската јавност дека тој е исклучително значаен партнер за Русија и за Кина. На Вучиќ многу му е важно да му докаже на српскиот народ дека не е донесен на власт со помош на Западот и дека не владее со благослов на Вашингтон и на Брисел. Токму затоа сите негови средби со кинеските и руските политичари се пренесуваат со најголема помпа.

Се стекнуваше впечаток дека Вучиќ и Путин не се само најдобри пријатели туку и политички истомисленици, кои работат заедно за напредокот на Србија. Од огромно значење беше ваквата порака да биде јасно испратена до српското општество, кое е традиционално наклонето кон Русија и кон сѐ што доаѓа од неа. Повеќе од јасно е дека вакви романси помеѓу Србија, од една, и Русија и Кина, од друга страна, сѐ потешко ќе има.
Анализата на Копљар отвора многу перспективи за регионалните случувања на овие простори и е добра основа нашите аналитичари и, секако, државни лидери да имаат предвид на кој начин и во кој правец ќе го држат кормилото на бродот наречен Македонија.