Ким веќе тргна со воз на самитот во Виетнам

Северна Кореја се закани дека народот на САД никогаш нема да биде ослободен од заканите по својата безбедност ако пропаднат преговорите меѓу двете земји во пресрет на вториот самит меѓу Ким Јонг-ун и Доналд Трамп во Виетнам.

Државната новинска агенција на Северна Кореја (КЦНА) ги обвини американските демократи дека сакаат да го попречат самитот меѓу двајцата лидери што на 27-28 февруари треба да се одржи во главниот град на Виетнам, Ханој. КЦНА исто така ја обвини администрацијата на Трамп дека ги слуша противниците на дијалогот иако САД направиле дипломатски напори за да разговараат со Северна Кореја.

Ким веќе тргна кон Виетнам со приватен воз, каде што треба да се состане со Трамп, осум месеци по нивниот прв историски самит во Сингапур, каде што двајцата ветија дека ќе работат на денуклеаризација на Корејскиот Полуостров. Оттогаш не е постигнат поголем напредок, а вториот самит би требало да се фокусира на тоа кои елементи од нуклеарната програма би можела да почне да ги укинува Северна Кореја во замена за отстапки од САД, нагласува Ројтерс.


Приведени имитаторите на Ким и на Трамп

Виетнамските власти ги привеле Расел Вајт и Хауард Икс, двојниците на американскиот претседател Доналд Трамп и на севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун, во пресрет на самитот во Ханој.
Двојниците на Трамп и на Ким тврдат дека 15 полицајци ги испитувале три часа и ги предупредиле да престанат да ги имитираат двајцата лидери. Тие во изминатите неколку дена шетаа по улиците на Ханој, разговараа со медиумите и се фотографираа со граѓаните, пренесува „Индепендент“.
– Полицијата и претставниците од имиграциските служби ни сугерираа да не се појавуваме во јавност и да не ги имитираме Трамп и Ким заради наша безбедност, зашто двајцата лидери имале голем број непријатели – изјавил Икс, чие вистинско име е Ли Хауард Хо Вун, додавајќи дека властите им се заканиле дека може да ги депортираат од земјата


Патот на Ким до самитот со Трамп во Виетнам

Маратонското патување со воз од Пјонгјанг до Виетнам, преку Кина, може да трае најмалку два дена. Лидерот на Северна Кореја може да помине над 3.000 километри за пак да се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп

Маратонското патешествие на севернокорејскиот лидер од Пјонгјанг до Виетнам, преку Кина, би можело да трае најмалку два дена, а Ким Јонг-ун се очекува да помине повеќе од 3.000 километри со својот приватен воз за да стигне на вториот самит со американскиот претседател Доналд Трамп.
Возот на Ким ќе застане на виетнамската станица на границата кај Донг Данг, каде што ќе се симне од возот и потоа со автомобил ќе се вози 170 километри за да стигне до Ханој.
Карактеристичниот зелен и жолт приватен воз на Ким целосно е блиндиран и е опремен со сателитски телефони, со спални и конференциски простории. Блиндирани се сите 21 вагон, па возот се движи со просечна брзина од само 60 км/ч.
Според разузнавачки извештај на Јужна Кореја од 2009 година, секогаш кога патува севернокорејскиот лидер сообраќаат три воза. Првиот воз ја проверува безбедноста на пругата. Возот на севернокорејскиот лидер го следи првиот воз и минува по период од 20 минути до еден час, додека третиот воз носи дополнителни телохранители и опрема за комуникација. Воени хеликоптери и авиони нудат дополнителна безбедност за Ким.