На сателитските фотографии и снимки, направени од американски шпионски сателити, може да се забележи како возила влегуваат и излегуваат од погонот во Санумдонг, каде што претходно беа произведени интерконтиненталните балистички проектили, но не може да се види во која фаза е евентуалното производство на ракетата, пишува „Вашингтон пост“

Американски шпионски сателити откриле активности во севернокорејската воена фабрика, каде што беа произведени интерконтиненталните балистички ракети што наводно можат да ја погодат речиси целата територија на САД. Висок функционер на американското разузнавање изјавил дека на сателитските фотографии и снимки може да се забележат како возила влегуваат и излегуваат од погонот во Санумдонг, но не може да се види во која фаза е евентуалното производство на ракетата, пишува „Вашингтон пост“.

Истовремено, висок претставник од кабинетот на претседателот на Јужна Кореја порача дека американските и јужнокорејски разузнавачки агенции внимателно ги следат различните движења во Северна Кореја. Доказите до кои дојдоа САД во јули укажуваат на најновата активност во севернокорејските нуклеарни и ракетни капацитети, и покрај преговорите со Вашингтон и самитот помеѓу лидерите Ким Јонг-ун и Доналд Трамп. По средбата во Сингапур, претседателот Трамп изјави дека Северна Кореја се обврзала да се откаже од нуклеарното оружје, а подоцна го посочи фактот што не била извршена нова ракетна проба како доказ дека Ким го почитува договореното.

Шефот на американската дипломатија, Мајк Помпео, минатата недела изјави дека Северна Кореја и понатаму произведува гориво за нуклеарни бомби, и покрај ветувањето за денуклеаризација. Помпео исто така додаде дека администрацијата на Трамп и натаму остварува напредок во преговорите со Пјонгјанг.
Џоел Вит, поранешен преговарач на Стејт департментот и основач на проектот за следење на Северна Кореја „38 Север“, порача дека не е реално да се очекува дека Пјонгјанг ќе ги запре своите програми „додека мастилото на договорот сѐ уште не е исушено“.

– Тоа беше случај и со американските преговори со Советскиот Сојуз во текот на Студената војна, а во поново време и со Иран, кој продолжува да работи на развојот на центрифуги способни да произведат нуклеарен материјал, иако со САД се договори да ги ограничи тие активности – заклучува Вит.

Од друга страна, генерали на армиите на Северна и на Јужна Кореја вчера се сретнаа во граничното село Панмунџон да преговараат за намалување на тензиите меѓу двете држави. Средбата е дел од мерките за враќање на довербата договорени на средбата на двајцата претседатели во април, и дел од пошироките активности координирани со Вашингтон.

Некои од мерките вклучуваат намалување на бројот на погранични патроли, како и на тешките артилериски орудија распоредени по должината на границата.
Северна Кореја има сконцентрирано илјадници артилериски орудија на границата, насочени кон јужнокорејската метропола Сеул.