Американски разузнавачи тврдат дека Северна Кореја го зголемила производството на гориво за нуклеарно оружје на повеќе тајни локации во изминатите месеци и дека се обидува да ги скрие овие активности, објави Ен-би-си-њуз, додавајќи дека Пјонгјанг истовремено бара отстапки во преговорите со Вашингтон за неговата нуклеарна програма.
Ен-би-си-њуз се повикува на изјави на пет неименувани американски разузнавачи, кои тврдат дека Пјонгјанг го интензивирал производството на збогатен ураниум за нуклеарно оружје. Се проценува дека Северна Кореја има повеќе од една тајна локација наспроти веќе познатата постројка за производство на нуклеарно гориво во Јонгбјон.
– Постојат апсолутно недвосмислени докази дека се обидуваат да ги измамат САД – изјавил еден од неименуваните разузнавачи.
ЦИА, Стејт департментот и Белата куќа одбиле да ги коментираат таквите тврдења, кои доаѓаат по историската средба помеѓу лидерите на САД и на Северна Кореја, Доналд Трамп и Ким Јонг-ун, посочува Ројтерс.