Северна Кореја лансираше неколку крстосувачки ракети во Јапонското Море, соопшти Заедничкиот генералштаб на Јужна Кореја, пренесува ТАСС.

Според јужнокорејската војска, ракетите, кои биле истрелани од области во близина на севернокорејскиот град Мунчон утрово, прелетале околу 150 км и паднале во морето.

– Војската внимателно ја следи ситуацијата за евентуални дополнителни лансирања, одржувајќи ја состојбата на подготвеност – соопшти Заедничкиот генералштаб цитиран од новинската агенција Јонхап.

Моментно нема официјален коментар за лансирањето од севернокорејските власти.

Северна Кореја, исто така, наводно спровела и други три лансирања минатиот месец – на 2 март, 9 март и на 21 март.

Во својата новогодишна изјава, севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун објави дека Пјонгјанг ќе демонстрира „ново стратешко оружје“ во блиска иднина, но не образложи за што станува збор.