Јужнокорејскиот претседател и севернокорејскиот лидер, Мун Џае-ин и Ким Џонг-ун денеска договориле завршување на војната долга седум децении и да почнат со работа на целосна денуклеаризација и мир на Корејскиот Полуостров.

Двајцата лидери го објавија договорот по историската средба на границата меѓу двете држави, прва на која лидер на Северна Кореја стапна на тлото на Јужна Кореја. Двете земји технички беа во војна од 1950 година, а мировен договор никогаш официјално не беше потпишан.

Ким и Мун изјавија дека следниот месец ќе имаат воени разговори и ќе бараат „постепено разоружување“, без да изнесат други детали. Најавија планови за формално прогласување на резолуција за војната и до крајот на годината моменталното примирје да го претвори во мировен договор.

Договорот уследи по наглото намалување на тензиите, кои минатата година пораснаа до работ на судир откако Пјонгјанг изведе редица ракетни и нуклеарни проби. Ким Џонг –ун наскоро треба да се сретне и со американскиот претседател Доналд Трамп.

Сė уште останува отворено прашањето дали посветеноста кон примирјето ќе доведе до трајни промени. Претходните договори пропаѓаа поради инспекции, тестирања на оружје и несогласувања околу економијата.

– Двајцата лидери имаа искрен и едноставен дијалог за денуклеаризацијата и воспоставување на траен мир на Корејскиот Полуостров и развивање на билатералните односи – изјави Јун Јунг-џан, портпаролот на Мун.

Тој наведе и дека сестрата на севернокорејскиот лидер, Ким Јо Џонг, која е дел од делегацијата на Северна Кореја, предложила да се забрза обединувањето на двете Кореи, додека Мун предложил двете земји да се поврзат со железничка линија.

– Претседателот Мун истакна дека тоа (железничката линија) ќе придонесе за економската соработка меѓу двете земји – наведе Јун.

Проектот за железничко поврзување на двете земји е разгледуван и претходно, при што е предвидено корејската железница да биде поврзана и со Транссибирската линија.

Јун коментирајќи го прескокнувањето на границата и преминувањето на Мун на севернокорејска територија, рече дека тоа било спонтано.

– Откако Ким Џонг-ун премина на јужнокорејска територија, претседателот Мун праша кога тој ќе може да стапне на севернокорејско тло. Ким Џонг-ун веднаш одговори – може и сега и го фати претседателот за рака и го однесе зад демаркационата линија – наведе Јун.